1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово и претседателските избори

18 јануари 2008

Малку која друга тема во Србија ја вжештува атмосферата толку колку дебатата за идниот статус на Косово. И во изборната битка за претседателската функција доминираше таканареченото „судбинско прашање за Србија„.

https://p.dw.com/p/CtpI
Дилемата на многумина Срби на Косово: да се остане или да се замине?Фотографија: Refki Alija



Од исходот на изборите многу зависи и идното живеење на Србите на Косово.

Меѓу планината Копаоник и реката Ибар на север од Косово живеат половината од скоро 100 илјади Срби колку што останаа во покраината. Другата половина е етнички хомогена, но живее во изолирани енклави.

„Секако дека сме загрижени за нашата судбина. Секој ден ни се кажува нешто друго. Деновиве поранешниот министер за надворешни работи ни рече: северот не треба да се грижи, но енкалвите, тие се проблем. Јас останувам, но ако сите заминат, што барам јас тука„?, вели Драган. Драгослава дополнува: „Меѓу нас постои голема омраза, но мислам дека е поголема од албанската страна. Сто години сакаат да имаат сопствена држава и сега ќе ја добијат. Но, само до мостот кај Миторвица. Јас сум за поделба„. Така мислат обичните луѓе. Да се остане на Косово, да се замине во Србија или да се инсистира на поделба по текот на Ибар? Овие прашање ги окупираат Србите и политичарите на Косово. Рада Трајковиќ е една од малкуте влијателни политичарки од српските енклави во покраината: „Не верувам дека Србите на север од Косово треба да прогласат сопствена независност, зашто тоа ќе значи признавање на независноста на Косово јужно од Ибар. На тој начин ќе бидат жртвувани сите Срби на југот, како и сите протерани Срби. Спомениците на српскиот идентитет се наоѓаат јужно од Ибар: седиштето на патријархот во Пеќ, манастирите Дечани и Грачаница. Оние што велат дека Србите од енклавите можат да се преселат на север од Косово, не знаат дека северот не може да прими ниту илјада луѓе. А, Србија е полна со бегалци од поранешна Југославија. Јасно е дека дел од меѓународната заедница радо би ги видела Србите како прогонети, зашто на тој начин ќе има еден проблем помалку„. Ваквите тврдења категорично се отфрлаат во Вашингтон, Брисел или Берлин. КФОР со неговите 16 илјади војници на Косово во моментов главно се грижи за заштитата на српското малцинство од напади на албански екстремисти. На косовските Срби најмногу им пречи ограничината слобода на движење. Иако во последниве години имаше малку инциденти, Србите се уплашени од убиствата и палежите што се случуваа во првите месеци по војната, како и за време на големите демонстрации на албанските националисти во пролетта 2004. Живот како бегалец не сака никој. Но, Србите од енклавите го очекуваат секој сигнал од политичарите. Чекаат и страхуваат владата во Белград по прогласувањето независност да нареди мирно повлекување од покраината. И ќе послушаат зашто не можат да си замислат нормален живот во албанско Косово. Само северот треба да остане бедем за да ја зацврсти новата јужна граница на Србија.