1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спојувањето на „ЕјТиендТи“ и „Тајм Ворнер“ како лош римејк?

БГ
24 октомври 2016

Тешко е да се спојат технологија и креативност, велат аналитичарите, кои се скептични по договорот за спојување меѓу „ЕјТиендТи“ и „Тајм Ворнер“

https://p.dw.com/p/2RbcL
Logos  ATT-TIMEWARNER
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb

Мега-договорот меѓу „ЕјТиендТи“ (AT&T) и „Тајм Ворнер“ (Time Warner) може да создаде нова медиумска компанија во ера кога потрошувачите се ориентираат кон помали понудувачи и сакаат да ја добиваат содржината на различни уреди. Или, може да се повтори историјата од пред 16 години, кога едно друго големо медиумско спојување заврши со неуспех.

Договорот со кој телекомуникацискиот гигант го презема „Тајм Ворнер“ ќе надмине 108 милијарди долари, и со него „ЕјТиендТи“ ќе ги преземе „Варнер брос“ (Warner Bross) студијата во Холивуд, бројни телевизиски куќи како „Си-Ен-Ен“ и „ХБО“, права за спортски натпревари во кошарка и бејзбол, како и еден голем издавач на видео игри.

Тоа ќе му овозможи на американскиот телекомуникациски гигант „најдобра содржина во светот со мрежа која може да ја донесе до секој екран, без оглед на побарувањата на потрошувачите“, беше наведено во изјавата од компанијата.

Предизвици

Но аналитичарите велат дека договорот се соочува со бројни предизвици, меѓу нив и добивањето на одобрение од регулаторите за спојувањето кое ќе погоди десетици милиони корисници, но и успешното комбинирање на две компании од различен тип, едната за содржина, а другата за пренос.

„Сме го виделе овој филм порано и не заврши добро“, вели Ребека Либ, независен медиумски консултант и аналитичар, алудирајќи на спојувањето на АОЛ и „Тајм Ворнер“ во 2000 година кое пропадна 9 години подоцна.

„Тешко е да се спојат технологија и креативност“, додава таа.

Но, „ЕјТиендТи“ не сакаше да седи со „скрстени раце“ додека ривалите како Комкаст и Верајзон ја ширеа понудата и не сакаа веќе да бидат само дистрибутери на понудата.

Целиот сектор во меѓувреме се менува затоа што многу потрошувачи, особено помладите, ги отфрлаат ТВ понудите од стотици канали кои честопати чинат над 100 долари месечно, а кои досега им носеа огромен профит и на дистрибутерите и на студијата. 

Emmy Nominierungen 2014 Game of Thrones
ХБО ја продуцираше и светски познатата серија „Игра на тронови“Фотографија: picture alliance / AP Photo

Пад на кабелската претплата

Многу гледачи во меѓувреме се претплаќаат на мали сервиси како Нетфликс, Хулу или Амазон. Гугл, кој веќе важи за голем играч на пазарот со сервисот Јутјуб, во меѓувреме гради нов сервис за пренесување на содржини со што дополнително може да го потресе целиот сектор.

Оператерите на платената телевизија веќе се соочуваат со „блага ерозија на основниот бизнис“, вели аналитичарот Брет Сапингтон.

Иако околу 82 проценти од американските домаќинства сѐ уште се претплатени на кабелска или сателитска телевизија, бројките драматично опаѓаат, според последните истражувања.

„Големите спојувања како ова неодминливо водат кон повисоки цени за обичните луѓе, затоа што мора да се вратат парите позајмени за преземањето и да се исплатат водечките директори“, вели Мат Вуд, потрошувачки активисти во групата Слободни медиуми.

И некои политичари се незадоволни.

Американскиот сенатор Ал Франкен вели дека е скептичен во однос на спојувањето на големи медиумски компании „затоа што тоа може да води кон повисоки цени, помал избори, и уште полоша понуда за потрошувачите“.

Дополнително, новата заедничка компанија ќе има огромна база на податоци за потрошувачите, што пак отвора проблем и со приватноста.