1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорна заштита од Русија

Андреас Нол/сн4 април 2016

САД до февруари 2017. планират да распоредат оклопна бригада во источна Европа. Оваа најава предизвика контроверзни реакции. Земјите од руското соседство ја поддржуваат, a Москва протестира. Но има и помирливи сигнали.

https://p.dw.com/p/1IOwD
Фотографија: picture alliance/AP Images/M. Kulbis

Американскиот претседател Барак Обама за време на својот мандат значително го намали присуството на американски војници во Европа. Тој од Стариот континент повлече две од четирите бригади. Сега Вашингтон делумно ги корегира овие потези. Од февруари наредната година САД на истокот на Европа повторно ќе има една оклопна бригада, која ќе брои околу 4.200 војници. Во принцип не е новост дека НАТО сака да демонстрира сила на подрачјето на поранешниот Варшавски пакт. Откако членките на НАТО, кои се граничат со Русија, веќе подолго време се чувствуваат загрозени, Северноатланскиот сојуз по руската анексија на украинскиот полуостров Крим пред 2 години ја започна т.н. операција „Atlantic Resolve“, во рамките на која војниците на НАТО присуствуваа на воените вежби во источна Европа. Неодамна многу се пишуваше првенствено за операцијата „Dragoon Ride“, во рамките на која американски воен конвој (со тенкови) премина пат од 1.800 километри од Балтикот до Баварија.

Постојано американско присуство

Ова привремено присуство на НАТО на подрачјето на поранешниот Варшавски пакт сега се „засилува“ со американски борбени трупи. „Симболиката е јасна. САД на земјите од источна и средна Европа со тешко вооружување им сигнализира: ако се чувствувате загрозени, ние во случај на потреба сме тука. И, ние создаваме структури кои ќе ни овозможат побрзо да дојдеме“, анализира стручњакот за безбедност Отфрид Насауер, од Информативниот центар за трансатлантска безбедност во Берлин. На хартија американскиот ангажман изгледа огромен: 4.200 војници би требало да бидат опремени со 250 оклопни возила (меѓу нив има 90 борбени тенкови, топови и борбени возила) и уште околу 1.700 други возила.

USA verlegen schweres Militärgerät nach Osteuropa Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK Photo/J. Vostarek

Врховниот командант на НАТО, генерал Филип Бридлав, воопшто не крие дека новата бригада е одговор на руската политика: „Со тоа ја продолжуваме нашата стратегија, во рамки на кои на нашите НАТО-сојузници им гарантираме силно и примерно постапување во контекст на агресивноста на Русија на истокот на Европа и на друго место“. А тоа постапување ги чини САД многу. На почетокот на годината претседателот Обама најави дека ќе ги зголеми четирикратно трошоците за одбрана во Европа на 3,4 милијарди американски долари.

Ќе се воведе принцип на ротација

Новата, трета бригада на Американската војска во Европа, сепак ќе се разликува од веќе постоечките бригади во Германија и Италија. За новата единица во источна и централна Европа се префрла современо вооружување, но во Полска, Романија, Бугарија или во балтичките држави очигледно нема да бидат изградени нови касарни. Источноевропејците не можат да сметаат ни на опсежна американска инфраструктура (што вклучува и трајно населување на семејствата на војниците). Токму спротивно: трупите и опремата ќе „ротираат“ на неколку месеци, ќе се менуваат, а бригадата ќе биде „поделена“ на помали единици стационирани во различни земји, за почеток во Бугарија, Литванија и Романија. Војниците редовно ќе ротираат меѓу земјите. Голем дел од опремата ќе биде складирана во Германија, Холандија и Белгија. Со тоа САД сака да демонстрира способност на преместување на трупите за кусо време, но исто така и според договорот меѓу НАТО и Русија од 1997. година, со кој НАТО се обврза дека нема „трајно“ да стационира „значителни воени сили“ на истокот на Европа. „Американците на тој начин сакаат да го почитуваат тоа ветување“, смета Насауер.

USA Manöver Osteuropa
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Bielecki

Повеќе држави од поранешниот Варшавски пакт се надеваа на поголем ангажман на САД. Естонскиот премиер Тави Роивас по објавувањето на американските планови побара во неговата земја да биде стациониран најмалку еден баталјон на НАТО. Алијансата го одби тоа. „НАТО недвосмислено ги поздравува плановите за ротација на американското министерство за одбрана“, изјави портпаролката на Алијансата Кармен Ромеро за ДВ.

Протест од Москва

Русија од своја страна реагираше разлутено на плановите на САД, кои во принцип се познати од летото 2015 година. Рускиот амбасадор во НАТО, Александар Грушко ги критикуваше плановите, а во изјава за ДВ тој говори за „нов чекор кој го документира преминувањето на НАТО во конфонтирачки начин на однесување“.

Освен критиките, од Москва сепак пристигнуваат и помирливи сигнали. Еден дипломат за агенцијата Интерфакс изјави дека се надева на состанок на Советот НАТО-Русија во наредните два месеца. Тоа би бил прв состанок на Советот по избувнувањето на кризата во Украина пред две години.