1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спонзорите го зголемуваат притисокот врз ФИФА

АТ/ дв/ртр9 јуни 2014

Големите спонзори на светската фудбалска федерација ФИФА како „Адидас“, „Сони“ и „Виза“, бараат брзо расчистување на обвинувањата за корупција околу планираното СП во Катар 2022 година.

https://p.dw.com/p/1CEy1
Фотографија: APTN

Германскиот производител на спортски производи „Адидас“ опомена на брза истрага и изрази загриженост околу негативните извештаи за Светското првенство кое треба да се одржи во 2022 година во Катар. „Како партнер на ФИФА очекуваме овие обвинувања да бидат соодветно испитани“, се изјасни пак јапонскиот концерн за електроника „Сони“. Фудбалскиот сојуз во сите области би морал да се придржува до своите принципи за интегритет, етичко и фер однесување.

ФИФА неодамна најави дека ќе изврши проверка дали постоела корупција при доделувањето на Светското првенство во 2018 година на Русија и 2022 година на Катар. И двете земји негираа дека се однесувале спротивно на правилата. Извештајот за тоа треба да биде доставен на крајот на јули - значи дури откако ќе заврши годинешното првенство во Бразил.

Би можело да се прегласува за СП во Катар

Посебно спорна е организацијата на СП во Катар во 2022 година. Поради екстремните горештини налето турнирот мора да се одржи во друго годишно време, што би ги измешало термините на професионалните клубови. Во меѓувреме, не е исклучено одново да се гласа за организаторот на Светското првенство. Британскиот весник „Сандеј Тајмс“ изминатите два викенди известуваше дека има документи кои докажувале дека било платено мито за доделување на Светското првенство во фудбал на Катар. Катар ги отфрла обвинувањата.

Само во изминатата година ФИФА примила 1,4 милијарди долари. Шестотини милиони долари биле од правата за пренос, 400 милиони од спонзори и партнерски фирми. Од нив околу 180 милиони долари доаѓаат од главните спонзори „Сони“, „Адидас“, „Виза“, „Кока Кола“, авиокомпанијата „Емирати“ и двата јужнокорејски автоконцерни „Киа“ и „Хјундаи“, кои го делат спонзорството.