1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за Германија

Уна Сабљаковиќ/Б.Г.29 април 2015

„Не знаеме како ќе стигнеме до ЕУ, но нема да се откажеме од намерата. Во Србија не може да се опстане, затоа нашата цел е Германија, раскажуваат бегалците од Ирак и Сирија кои се во Србија.

https://p.dw.com/p/1FGwC
Фотографија: DW/U. Sabljakovic

Минувачите не ги ни забележуваат, но доколку малку подолго се задржат пред главната Железничка станица во Белград ќе сфатат дека многу луѓе кои седат на оградата или се собираат во анот отспротива, не зборуваат српски и не делуваат како обични патници. Меѓу нив се Паша, Сахер и Аид (на горната фотографија) - или така барем се претставија и прифатија да говорат за ДВ. Тие се Језиди, а од Ирак одлучиле да побегнат откако „Исламската држава“ зазема делови од нивната земја и се закани дека ќе ги убие сите припадници на нивната заедница.

„Патуваме веќе четири месеци“, вели 28-годишниот Паша. „Од Ирак до Србија стигнавме главно пеш. Пред околу еден месец тргнавме од Србија кон Германија, но не‘ фати унгарската полиција. Бевме во затвор 20 дена. Таму одбивме азил, а потоа бевме депортирани во Србија. Тука во полицијата плативме казна од 50 евра и добивме рок од десет дена да ја напуштиме земјата. Утре повторно тргнуваме за Германија“, вели Паша и го покажува документот на српската полиција за забрана за престој во земјата.

И да не добиел забрана, Паша во никој случај не сакал да остане во Србија. Германија е единственото место каде сака да биде и тоа не само затоа што таму има роднини, туку и затоа што е уверен дека „Германија им дава повеќе права на азилантите, отколку другите земји“.

Неприфатливо казнување на бегалците

Според неодамна објавениот извештај на Хјуман Рајтс Воч, бегалците, односно барателите на азил во Србија, се соочуваат со големи проблеми, бидејќи, според наводите на ХРВ, српската полиција ги малтретира, не ги заштитува и ги протерува од земјата. Неретко, поради нелегалниот престој, бегалците добиваат парични или куси затворски казни. Правниот советник на невладината организација Белградски центар за човекови права, Никола Ковачевиќ, нагласува дека „секој припадник на МВР мора да знае дека прекршочното казнување на бегалците е неприфатливо од аспект на меѓународното право“.

Serbien Belgrad Flüchtlinge aus Irak und Syrien
Бегалци на Железничката станица во БелградФотографија: DW/U. Sabljakovic

„Луѓето кои доаѓаат од Сирија, Ирак, Авганистан, Сомалија или Еритреја во најголем број се бегалци. Никој не станува бегалец затоа што некој надлежен орган ќе му додели таков статус, туку бегалец е секој кој својата земја на потекло ја напушта во страв од прогон или од насилство“, вели Ковачевиќ.

Најголеми профитери- шверцерите

Според извештајот на Белградскиот центар, од 16.490 баратели на азил, во центрите за азил во Србија сместени се нешто повеќе од 11 илјади. Освен што условите во дел од тие центри не се задоволителни, бегалците на првостепената одлука за азил чекаат и до една година, што ги одвраќа од желбата да останат во Србија. „Најголеми профитери од таквата ситуација се шверцерите“, вели Весна Петровиќ, извршен директор на Белградскиот центар за човекови права. Според исказите на бегалците во Белград, за патување од Србија до Германија на шверцерите им се плаќа најмалку 1.700 евра.

И четиримесечниот пат за Паша, Аида и Сахер го организирала шверцерска мрежа за кои, секој од нив уште во Ирак требало да обезбеди по 11 илјади долари. И покрај тоа, тројцата Ирачани биле изложени на агресија на шверцерите, кои во моменти на бес им се заканувале и со ножеви.

Иако е најмлад, 19-годишниот Сахер делува најмирно. Истовремено, дури и да стигне до Германија, иднината за него е најнеизвесна бидејќи таму не го чека никој. Целото семејство му е останато во Ирак, но се надева дека тој ќе ги одведе во Германија.

Никој од нашите соговорници нема претстава за тоа како ќе изгледа нивниот обид да влезат во Унгарија, дали таму ќе одат со шверцери, колку долго ќе пешачат, и дали и овојпат ќе бидат принудени да спијат во шума. Извесно е едно: доколку бидат повторно фатени, им се заканува затворска казна од три години.