„Солзавецот и солзите- производ на неспособноста на ЕУ“
1 март 2016„Зидвест пресе“ (Улм): „Што да прават граничарите кога стотици луѓе ќе почнат да јуришаат на барикадите? Да ги стават во затвор? Да направат крвопролевање? На тие прашања не одговорија оние кои веќе со недели зборуваат дека бегалската криза може да се реши со поставување огради. 'Групата неволни' во ЕУ мора да сфати дека нејзиниот его-трип нема долго да функционира. Канцеларката во неделата уште еднаш нагласи оти бара европско решение. Кога во ЕУ ќе стигнат новите слики на ужас, контрашите ќе мораат да признаат дека биле наивни кога се залагале за блокади.“
„Лудивигсбургер крајсцајтунг“ (Лудвигсбург): „Оној кој има срце, смета дека е неподносливо ова што сега се случува. Станува збор за бегалци, луѓе кои бараат помош, а не за злосторници. Сѐ повеќе овие луѓе се трупаат на ничии земји. Солзавец и многу солзи кои протекоа и без него, не се само последица од една неопходна мерка. Тие се последица од огромен студ и неспособност на ЕУ. Некои земји- меѓу кои и Германија- можеби стигнаа до своите граници, но Европа има 500-милионско население и милион бегалци сигурно не се таа граница за неа. Ни од далеку не сторено се’ што би можело да им се помогне на луѓето да останат во својата татковина или барем во прифатилишта за бегалци недалеку од татковината“.
„Фолксштиме“ (Магдебург): „Ангела Меркел својата бегалска политика не може веќе да им ја објасни на граѓаните кои со право бараат да се намали бројот на бегалците или барем бројот на илегални мигранти. Нејзините најважни планови не можат да се остварат брзо: да се сузбијат причините за бегалство и бегалците да бидат расподелени во цела Европа. Освен тоа нејзините аргументи не се претерано убедливи: нема врска дали бегалскиот бран се филтрира пред македонската или грчката граница, или во Турција. Ќе следат секако грди сцени со многу разочарани и лути луѓе. А Германија како ветена земја зад морето и бодликавата жица ќе го зголеми бројот на оние кои не се непосредно загрозени туку веќе се наоѓаат во потрага за подобар живот. Тоа е појава која со право ја критикува австриската влада, и не само таа. Ако постои европско решение, тогаш и Меркел мора да се придвижи.“
„Ландесцајтунг“ (Линебург): „Сликите од македонско-грчката граница и од Кале мораа да го посрамотат секого кој во Европа гледа нешто повеќе од само остров на благосостојба. Ако се остане при политиката за херметичко затворање на границите, ќе има и човечки жртви. Тие кои зборуваат за горни граници и драконски мерки на границите, уште не сфатиле дека ова е само прва преселба на народите- неа ја предизвика распадот на Блискиот исток. Борбата за ресурси и распределба на добрата ќе започне цела ера на селидби. На овој свет веќе нема да има едноставни решенија, но ќе има подобри од Кале и од Идомени. Херметичко затворање, без прашање: што понатаму ќе се случува со луѓето од другата страна на оградата, не е достојно решение.“
„Јунге велт“ (Берлин): „Во Македонија- како и во други земји од поранешна Југославија- постои страв дека ќе станат 'тампон зона' за бегалците доколку Виена или Берлин ги затворат своите граници. Таа судбина би можела да и’ се случи и на Грција. Минатата среда, Австрија организираше 'Самит за бегалците' во Виена. Таму требаше државниците од балканската рута да се договорат како подобро да соработуваат- но Грција не беше поканета, што предизвика дипломатски недоразбирања меѓу Виена и Атина.“
„Тагесшпигел“ (Берлин): „Во сеќавање ни е врежана молбата на канцеларката која всушност изгледа како преколнување: верувајте ми! Тоа не е упатено само кон Германците, туку и кон сите Европејци. Постојат две можни причини на Меркел да ѝ се ускрати таа доверба. Или некој ќе даде убедлива алтернатива- како да се реши кризата, или луѓето ќе загубат доверба во нејзиниот карактер.“