1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соколот од Белви

Фолкер Вагенер / Превод: Е.М.Фиданоска3 септември 2014

Германскиот претседател Гаук остро ја критикуваше руската политика кон Украина и тоа во Полска, на одбележувањето на годишнината од почетокот на војната. Говор на погрешно место во погрешно време, оценува Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1D5k7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателско однесување значи балансирање, способност да се модерира, значи и поттик на одредени работи и отворање дискусии, но не и финални оценки. Улогата на германскиот сојузен претседател е како улога на добар татко. Тој мора да е издигнат над работите. Тој мора да репрезентира, а практичната политика најдобро е да им ја остави на канцеларот, владата и парламентот.

Јоахим Гаук, кој уште како евангелистички свештеник во времињата на ГДР (Германска Демократска Република) се мешаше во политика, постојано ја растегнува со Уставот тесно дефинираната функција. Неговата силна критика на сметка на Путин, поврзана со речиси аподиктичното барање за нова одбранбена готовност на Германија, е политичка бомба чиј оддек и чад нема толку бргу за исчезнат.

Малку помирувачи, многу разделувачи

Првиот гаф на Гаук беше изборот на местото и поводот за неговиот укор на Русија. Први септември пред 75 години беше почеток на Втората светска војна, во која, според проценките, загинаа околу 20 до 30 милиони Руси. Ваквата политичко-психолошка несензибилност не може да се оправда ниту со тоа дека Гаук со својот напад на Путин зборуваше длабоко од срцата на многумина Полјаци.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер Вагенер, автор на коментаротФотографија: DW

Навистина, воените постапки на Русија во источна Украина се исто толку скандалозни колку и спротивни на меѓународното право, но во една фаза на најголема можна политичка драматика и човечка трагика, острите зборови на Сојузниот претседател во Гдањск не беа ниту од помош ниту беа дипломатски. Зошто свештеникот постапи непромислено?

Гаук - „врв на копјето“ на новата германска надворешна политика

Германската надворешна политика со години се наоѓа во еден вид темелна обнова. Меѓу големиот број познати и повикани за збор, кои најдоцна од 2011 година бараат „нова германска надворешна политика“, е и сојузниот претседател. Тој постојано недвосмислено бара поактивна улога на Германија во светот, како што беше на пример на Безбедносната конференција во Минхен годинава. И на одбележувањето на Денот на германското обединување во 2013-та Гаук си создаде име на „прв“ меѓу политичарите кои се занимаваат со надворешна политика и тоа со својата порака „веќе не може помалку одговорност“.

Сето тоа не се случајности. Шефот на држава секогаш на големи поводи, како на пример 75-годишнината од почетокот на Втората светска војна, бара повеќе сила, поголемо присуство на германската надворешна политика. Со тоа де факто бара ставање крај на децениската „култура на воена воздржаност“.

Слободата на функцијата

Јоахим Гаук сигурно не е белицист (застапник за војна, н.з.), но по неговиот настап во Гдањск се провлекува чувство како бројот еден во државата со својот остар тон кон Русија и Путин да се пресметува со својот тогашен голем брат за своето социјаличско искуство од времето на ГДР. Тој што зборува е повеќе оној источногерманскиот Гаук, отколку што е тоа Сојузниот претседател на сите Германци. Малку премногу внатрешна слобода за првиот службеник на оваа држава!

И уште нешто за размислување - медалот за храброст „Добро рикање, лаве!“ е од мала полза со оглед на моќта на Москва и односот на силите. Што сака, ве молам, да ни каже Гаук кога бара „прилагодување на подготвеноста за одбрана на новите услови“? Треба ли повторно да ги „извадиме од нафталин“ стотиците тенкови „Леопард 2“, или повторно да воведеме воена обврска? Кој свири, мора и да може и да сака да скокне. Сакаме ли?