1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот на Европа со резолуција за Косово

Тони Гламчевски 23 јануари 2008

Парламентарното собрание на Советот на Европа ја потврди важноста на процесот за наоѓање заемно прифатливо решение за статусот на Косово и од Советот за безбедност бара да направи сé што е можно за да се најде решение.

https://p.dw.com/p/CwRW
Логото на Советот на Европа

Пред усвојувањето на резолуцијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) се водеше долга дебата, во која беа слушнати спротивставени позиции. Известувачот, лордот Расел Џонстон, остана на своите ставови и рече дека и натаму верува дека планот на Ахтисари е најпрактичното и најефикасно решение за стабилноста, но и праведно решение за територијата на која 90% од населението бара такво решение.

Шефот на српската делегација, Милош Алигрудиќ, од своја страна оцени дека позицијата на известувачот е неправедна. „Тој се обидува да донесе пресуда и го застапува ставот дека едната страна – српската, треба да се казни, а другата да се награди, бидејќи таа ништо не прави“, рече тој.

Во усвоената резолуција се изразува длабоко жалење што досега не е пронајдено заемно прифатливо решение. Притоа, се смета дека би било пригодно да се предвидат други средства за продолжување на дискусиите врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за Безбедност на Обединетите Нации. Од Советот се бара да направи сé што е можно за да се надминат разликите и да се најде решение, со што Косово нема да се претвори во барутана и во „замрзнат конфликт“ на Балканот.

Alltag in der serbischen Provinz Kosovo
КосовоФотографија: dpa

ЕУ мора да стори се‘ за да најде заеднички став

Парламентарното собрание смета дека меѓу можните сценарија не треба да се исклучи дека Косовското собрание може да одлучи да прогласи еднострана независност. Во тој случај Европската Унија треба да „направи сé за да има заедничка позиција“.

Во резолуцијата е поздравено можното испраќање на европска мисија на Косово. Двете страни се повикани да ги исполнат ветувањата за зачувување на мирот и дијалогот во сите прилики и да се воздржат предизвикување насилство.

Без разлика кое решение ќе биде избрано, Косово треба да остане „сигурен мултиетнички простор за сите кои живеат таму, во кој нормите на Советот на Европа во областа на заштитата на човековите права ќе бидат во целост спроведувани.

Продолжување на преговорите е нереално

Соработката со судот од Хаг, според ПС на СЕ, останува услов за европската интеграција на Србија. „Суштината е во тоа, дека намерата на лордот Расел Џонстон да каже дека ПС треба да се заложи за наметнато решение на Србија, пропадна!“, искоменитра по гласањето, шефот на српската делегација Алигрудиќ.

Предлагачот на резолуцијата Лордот Џонстон и по гласањето не го промени своето мислење: „Го прифатив најголемиот број амандмани. Еден од нив се залага за продолжување на преговорите, сметам дека тоа во целост е нереално!“