1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот на Европа расправаше за Косово

22 јуни 2005

Конечниот статус на Косово останува неразјаснет бидејќи не се остварени неопходните демократски и безбедносни стандарди што ги бара меѓународната заедница. А од друга страна затоа што дијалогот меѓу Белград и Приштина е во застој.

https://p.dw.com/p/Aco9
Тенок биланс на УНМИК - заклучи Советот на Европа
Тенок биланс на УНМИК - заклучи Советот на ЕвропаФотографија: AP

Ова беше „анамнезата на болеста„ што произлезе од дебатата за иднината на Косово во Советот на Европа во Стразбур.

Во дискусијата на тема Косово, британскиот евро-парламентарец Расел Џонсон со самокритика се осврна на улогата на УНМИК:

„Состојбата фрла лоша светлина врз меѓународната заедница, која отпочна војна за да спречи прогон, но сега прави малку до речиси ништо за да го стабилизира мирот. Билансот на УНМИК е навистина слаб, а ако не го смениме нашиот став, тогаш ќе биде уште полош!„

Според Советот на Европа нерешениот конечен статус на Косово е фактор на нестабилност во целиот регион. Тоа е причина и за отежнатото враќање на прогонетите и избеганите Срби од Косово. Во резолуцијата за Косово, делегатите при Советот на Европа исто така изразуваат жалење поради неспособноста на Белград и Приштина да поведат вистински дијалог за статусот. Овде Советот се нуди во улога на посредник, но под услов двете страни во конфликтот да се откажат од екстремните позиции:

„Според моето мислење дијалогот мора да се води со отворен крај. Тоа значи и Србите треба да дискутираат за предлогот на Албанците околу независност, но и тие пак треба да го разгледаат отворено предлогот на другата страна за ‘повеќе од автономија, но помалку од независност‘. А обете страни во секој случај треба да ги почитуваат правата на Ромите, кои живеат во грозна ситуација„ – порача Расел.

Сите луѓе на Косово мора да уживаат демократски права и стандарди, да живеат во правна држава и безбедност. Овде особено Советот на Европа ги нагласува правата на малцинствата. Толеранцијата и мултикултурното општество мора да бидат институционално заштитени. Решавањето на конечниот статус е неодложно поврзано со овие стандарди, смета и известувачот за Косово, германскиот делегат, Маријане Триц.

„Прашањето што понатаму со Косово е поврзано со услови. Ние се придвиживме додуша од позицијата ‘стандади пред статус‘ и сега важи принципот ‘стандарди и статус‘. Но, постои согласност кај сите фактори дека најважното барање, имено заштитата на малцинствата, мора да биде гарантирана за воопшто да се стекнат услови за решавање на статусот.„