1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Полска владее човек без функција

Герхард Гнаук
25 октомври 2016

Јарослав Качински денес е најмоќниот човек во Полска, сивата еминенција зад владата. Пред една година неговата партија победи на изборите во земјата, која е денес поразделена од кога било.

https://p.dw.com/p/2RcbQ
Polen Warschau Parlament Jaroslaw Kaczynski
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Wlodarczyk

Полска е секогаш подготвена да приреди изненадување. Со името на браќата Качински се поврзани дури три исклучителни настани: пред десет години близнаците Лех и Јарослав Качински истовремено ги извршуваа двете најважни функции - претседател и премиер на државата. Четири години подоцна претседателот Лев Качински и 95 негови сонародници загинаа при пад на авионот на пат кон Русија.

На партискиот лидер Јарослав Качински, пет години потоа, му успеа по изборите да стане најмоќниот човек во државата, без да се кандидира за врвната функција, таа улога ѝ ја препушти на Беата Шидло, дотогаш речиси непозната, но верен партиски војник. На партискиот конгрес во јули со 99 проценти од гласовите му беше потврдена лидерската позиција во партијата. Неколкутегласови „против“, Качински ги искоментира со насмевка: „Тоа докажува дека ние во партијата имаме и некој вид демократија.“

Така, тој денес е сива еминенција зад владата. Познато е, важните одлуки не се носат без него. Уште во 2015. година тој се погрижи насекаде каде на располагање стоеја „јастреби “ и „гулаби“, на министерските фотелји да дојдат „јастребите“. Кога денес треба да се пополнуваат важни позиции, на пример шеф на телевизијата, кандидатите не одат „на поклонение“ во владиното седиште, туку во партиската централа. Неодамна кон неа се упатија и демонстрантите за да протестираат против политиката на Качински. Но, партискиот шеф не се ни појави.

Polen Jahrestag Flugzeugabsturz Beata Szydlo und Jaroslaw Kaczynski
Беата Шидло и Јарослав КачинскиФотографија: Reuters/K. Pempel

Цврстина пред сѐ

Како Јарослав Качински, кого често го прогласуваа за политички мртов, успеа да си ја избори оваа позиција? Тој не е добар говорник, не се умилкува, радо го држи соговорникот на дистанца. Тој води повлечен живот на самец. Но неговата грубост и сурова харизма оставаат впечаток кај неговите соборци и гласачите.

Кога Качински со падот на авионот го загуби братот, својата најблиска личност, па уште и мноштво партиски пријатели, многумина негови соборци плачеа. Тој не плачеше, барем не јавно. Качински демонстрираше цврстина, реагираше студено, веднаш отпатува на местото на катастрофата. Рускиот претседател Путин сакаше да му изрази сочувство, но Качински го одби разговорот. Подоцна еден негов партиски пријател раскажуваше колку тогаш било полезно, кога цела Полска беше под шок, да се има еден таков „силен лидер“. 

Ќе стане ли Качински премиер?

Овој силен партиски шеф добро знае дека може да го мобилизира своето конзервативно, католичко традиционално гласачко тело, но кај остатокот од населението предизвикува недоверба. Затоа ја турна во преден план умерената Беата Шидло, на која пред една година навистина ѝ успеа да ги добие парламентарните избори. Пет месеци претходно Анджеј Дуда, кандидат по мерка на Качински, победи на претседателските избори.

Денес полските медиуми нагаѓаат колкав е фактичкиот маневарски простор на Дуда и уште колку долго ќе остане на функцијата Беата Шидло, за која партискиот шеф изјави: таа мора да се „докаже“. Високорангиран политичар од владејачката партија Право и правда откри во разговор: „Споровите околу компетенциите во владата кај Качински влијаат како хаос, тој сериозно размислува дали не треба самиот да стане премиер“.

Polen Warschau Pro-Demokratie Demonstration
Демонстации за поголема демократија во ВаршаваФотографија: Reuters/K. Pempel

Лојалноста поважна од компетентноста

Полска оваа година се промени. Качински своите неистомисленици ги прогласи за „комунисти и крадци“. Ако нешто не оди како треба, виновна е старата спрега од корумпирани посткомунисти и либерали. За да може да се справи со нив, владата влезе во траен конфликт со опозицијата и со Уставниот суд, не почитувајќи ја неговата независност. Европската комисија започна постапка за оценка на функционирањето на правната држава во Полска.

Владата исто така се обидува и јавните медиуми да ги доведе на „новиот курс“, пропагирајќи „смена на елитите“ и вреднувајќи ја лојалноста повисоко од компетенциите, така што на високи позиции се доведени партиски припадници без квалификации.

Варшава воведува и нов надворешнополитички курс. Качински, кој во последните 30 години речиси не патувал во странство, е евроскептичар: „Се поставува прашањето дали ЕУ со нејзината страшна бирократија може да преживее во ваква форма. Не верувам во тоа“, изјави тој неодамна. Тој и натаму е за останување во ЕУ, но првенствено за соработка со Унгарија, Чешка и Словачка. Критичарите се прашуваат зошто Варшава постојано непријатно ги изненадува големите партнери во Европа - Германија и Франција. Централен партнер за Полска остануваат САД, но таа не дозволува лекции по демократија ниту од Вашингтон.

„Полска е повторно некој“

Под надзор на Качински, владата води и нова економска и социјална политика. Со огромна инвестициска програма, Полска сака да ја надмине улогата на „продолжена рака “ на економијата на Западот. Новиот детски додаток од 120 евра, вистински висок за полски услови, и програмата за изградба на станови треба да бидат поддршка за посиромашните семејства. Но, Качински сака уште повеќе: културна хегемонија. Сака на Полска да ѝ го врати „националниот дух“. Тој не сака поплава на западни вредности и се залага за враќање на „националната гордост“. „Полска повторно е некој“, гласи неговата порака, а неговата партија сака уште повеќе. Се разбира, тие издатоци се голем проблем за полскиот буџет, но за тоа ќе се грижат идните генерации.

Наспроти тоа, најопасното во владеењето на партијата Право и правда е поларизирањето на општеството, демонизирањето на политичките противници. Меѓутоа, обидот на десничарска граѓанска иницијатива за натамошно заострување на правото на абортус предизвика жестоки протести, предводени првенствено од жените. Качински реагираше со замолчување на „граѓанската иницијатива“ и повлекување на законскиот предлог.

Сѐ на сѐ, партијата Право и правда, исто како и нејзиниот челник, радо се впуштаат во конфликти. Но, незавршениот спор околу законот за абортус, како и растечкиот непотизам се нешто што на партијата лесно може да ѝ ги скрши забите. Двете теми можат да предизвикаат незадоволство од размери кои партијата и нејзиниот лидер не ги очекувале.