1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со бакар против бактерии

Гудрун Хајзе / Е.М.Фиданоска15 ноември 2014

Во болниците е тешко да се избегне допир со бактерии. Една клиника во Хамбург се обидува да го намали ризикот со помош на бакарни кваки. Резултатите се повеќе од задоволителни.

https://p.dw.com/p/1Do1f
Фотографија: Asklepios Kliniken GmbH

Кваките на вратите во болниците се плодна површина за бактерии. Дневно се допрени илјадници пати и тука не помага ниту најтемелното чистење. Различни предизвикувачи на болести се размножуваат молскавично.

Клиниката „Асклепиос“ во Хамбург ги замени обичните кваки со бакарни. Големиот тест донесе изненадувачки резултати, објаснува Сузане Хугет. „Утврдивме дека на бакарните кваки има помалку предизвикувачи на болести отколу на обичните“, објаснува директорката на медицинската лабораторија MEDILYS во клиниката „Асклепиос“.

Во споредба со пластичните кваки или оние од челик кој не рѓосува, бакарните кваки го намалиле бројот на предизвикувачи на болести за 50%. Само во Германија годишно околу 400.000 до 600.000 пациенти се заразуваат со овие опасни предизвикувачи на болести. Може да се инфицираат рани или да се добие воспаление на бели дробови. Речиси 15.000 пациенти годишно умираат од болести со кои се заразиле во болница.

Одлично положен тест

Веќе во 2008 и 2009 година бакарните кваки беа успешно тестирани во клиниките „Асклепиос“. Во теренското истражување учествуваше и Германскиот институт за бакар. Овој институт ги поврзува меѓусебно истражувањето и практичната примена и го поттикнува развојот, како што е воведување бакарни кваки кои се состојат од 70 проценти бакар. Опасноста бактериите, габичките и вирусите да се размножуваат на нив е докажано мала, со оглед на тоа што бакарот има антимикробни својства. Тоа е важно не само генерално во клиниките, туку и во специјални, чувствителни подрачја, како одделите за интензивна нега.

Сепак, Сузане Хугет вели дека има и причини за критика: „Новите кваки ја сменија бојата, затоа што редовно, барем еднаш дневно, се чистат со средство за дезинфекција. Кога бакарот на покрив на една куќа ја менува бојата во зелена е убаво. Но кај кваките се смета дека се валкани.“

Од клиниката му укажале на производителот на овој детал. Кваките мора да бидат преработени за да им одговараат на барањата на клиниката, и тоа не само кога станува збор за хигиената, туку и за оптиката. Сега има нови легури на бакар и нови тестови.

Symbolbild - Kupferwerk
Бакарот се користи за медицински цели илјадници годиниФотографија: picture-alliance/dpa

Бакар - чудотворен метал?

Египќаните знаеле за делотворноста на бакарот уште 2000 години пред новата ера. Со бакарни струготини тие ја дезинфикувале водата за пиење. Старите Грци со бакар лекувале инфекции, Римјаните рани, чирови и кожни болести. И Ацтеките го користеле бакарот во медицината, пред се‘ за инфекции на устата и ждрелото. Персијците со бакар лекувале гнојни чирови или инфекции на очите. Кај останатите народи бакарот бил во употреба кај главоболки, грчеви или изгореници.

Лекарот Парацелзус, кој е роден кон крајот на 15. век, со бакар лекувал глисти. Бакарот се користел дури и во лекување на епилепсија, како и на туберкулоза и колера. Денес тој служи и како хигиенска мерка во клиниките. „Надворешната мембрана на бактериите се менува преку јонски поместувања и со тоа почнува предвременото изумирање“, го објаснува Сузане Хугет делувањето на бакарот.

Дополнување, но не целосна замена

Бакарните кваки се поскапи за околу 50% од кваките направени од висококвалитетен челик кој не рѓосува. Дезинфекционото дејство на бакарот е очигледно, но бакарните кваки не се замена за вообичаените хигиенски постапки, предупредува Хугет. „Кваките се чекор натаму за да се поттикне свеста за хигиената.“ Персоналот, се разбира, мора да се придржува и натаму до вообичаените хигиенски мерки. Тоа важи и за сите кои се наоѓаат во клиниката. „Во меѓувреме има упатства за пациените и за посетителите да ги дезинфикуваат рацете во одредени ситуации. За таа цел имаме посебен информативен материјал.“