1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртта на една икона

Ута Тоферн
26 ноември 2016

Смртта на Фидел Кастро во Латинска Америка става симолична точка на една повоена ера, која всушност одамна веќе беше завршена, смета Ута Тоферн

https://p.dw.com/p/2TIgL
Fidel Castro in Berlin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. More

Почина Фидел Кастро. Оваа вест за многу луѓе во Латинска Америка значи исто што  за Германија би значела веста за смртта на Хелмут Кол. Колку и да се различни овие две историски личности, колку и да е тешко да се споредат нивните политики, тие имаат и нешто заедничко: нивното симболично значење за една фаза за која сѐ уште најдобро име е „повоена ера“. Со Фидел Кастро растеа цели генерации- од двете страни на Атланскиот океан. Куба и Кастро- тоа се поими за поморска блокада од страна на САД и за криза предизвикана со ракети, за кулминацијата на Студената војна во многу опасно време, кое пак во споредба со денешното делува речиси пријатно.

„Максимо лидер“ со децении беше поим за комунизмот кои едни едноставно го обожуваа, а други го мразеа. По раната смрт на далеку похаризматичниот Че Гервара, Кастро ја наследи улогата на симбол на кубанската револуција. Па дури и ако никогаш не се најде на блузите на европските и американските романтичари, барем секогаш пренесуваше најпозитивна слика за комунизмот. Во 70-тите и 80-тите години од минатиот век кубанската диктатура зрачеше со шарм на тропска опуштеност, која беше многу привлечна. А тука беше и имиџот Давид против Голијат- мал остров во огромниот океан против американскиот империјализам.

Куба носител на симпатии кон комунизмот

За комунизмот на Запад не донесе ништо толку големи симпатии како Куба. И токму поради тоа „социјализмо тропикал“ беше таков трн во нога на сите негови противници. А за љубителите Фидел беше причина повеќе да го сакаат- во Латинска Америка пред сѐ беше и причина за гордеење. Не треба да се биде комунист за да почувствува малку тајна љубомора поради тоа што малата островска земја речиси ја фрли на колена велесилата од север.

Thofern Uta Kommentarbild App
Ута Тоферн

Но Кастро имаше големо значење за оние кои негува искрена надеж во кубанската револуција, за која социјализмот и комунизмот беа поврзани со претставата за подобар живот. Тоа беа и сѐ многумина во Латинска Америка, на континентот на социјална нееднаквост. А на Куба не беше сѐ така лошо: нејзиното здравство и денес се смета за едно од најдобрите во Латинска Америка, а дури и во лошите периоди на Кубанците им беше подобро од луѓето од соседниот остров Хаити. Но на мнозинството реалноста не им беше позната: дека подобар свет на Куба беше остварен само делумно и тоа само со помош на субвенциите од  Советскиот Сојуз и дека цената за тоа е слободата.

Идеалите на револуцијата се одамна закопани

И денес известувањето за Куба и од неа е тешко, а она што за време на Студената војна се нарекуваше пропаганда, денес се вика „медиуми кои лажат“. Така митот за Фидел можеше да ја задржи својата магија и така ширум светот за него ќе жалат многу луѓе како за исправен херој во борба за сиромашните. Притоа не игра никаква улога дали се идеалите на револуцијата закопани одамна пред него и оти неговата сопствена земја веќе одамна оди по еден целосно поинаков пат.