1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Смртоносна драма во клиника во Потсдам

СН/агенции
29 април 2021

Задината на злосторството е сè уште нејасна, но едно е сигурно: четири лица се убиени во клиника во главниот град на германската покраина Бранденбург. Полицијата уапси една осомничена жена.

https://p.dw.com/p/3siUW
Vier Tote in Potsdamer Klinik - Frau festgenommen
Фотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Четири лица се пронајдени мртви во болница во германскиот град Потсдам доцна синоќа, а една жена е приведена, соопшти полицијата во  германската сојузната покраина Бранденбург

Портпаролот на полицијата изјави дека полицијата е повикана во клиниката Оберлин околу 21 часот, и оти пронашле четири мртви лица и едно лице кое било тешко повредено.

„На жртвите се видливи траги од насилство“, изјави портпаролот на полицијата. Жртвите биле пронајдени во различни болнички соби. 

Oberlinhaus Babelsberg, Potsdam, Deutschland
Фотографија: Christian Beier/CHROMORANGE/picture alliance

Тој додаде дека поради основано сомнение е приведена една жена, за која се смета оти е одговорна за убиствата, но не изнесе дополнителни детали.

Локалниот весник Потсдамер Нојсте Нахрихтен јави дека жртвите биле болнички пациенти, а приведената жена била вработена во болницата. Весникот Билд, пак, објави дека злосторството се случило во објектот за лица со инвалидитет. Мотивот за овие убиства сѐ уште не е познат, а истрагата е во тек. Уште во текот на ноќта во болницата биле спроведени бројни истражни мерки.