1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија ќе го блокира и приемот на Хрватска во НАТО?

Подготви Горан Чутаноски23 јануари 2009

За заканите на Словенија дека може да го попречи дури и приемот на Хрватска во НАТО пишува австрискиот весник „Ди Пресе“. За европската иднина на регионот, за весникот зборува и шефот на чешката дипломатија, Шварценберг.

https://p.dw.com/p/Geuf
Љубљана го отежнува патот на Хрватска до ЕУ и НАТОФотографија: DW Fotomontage

Весникот „Ди Пресе“, што излегува во Виена, донесува интервју со чешкиот министер за надворешни работи Карел Шварценберг. На потсетувањето дека Чешка го прогласила Балканот за една од клучните задачи на шестмесечното претседателствување со ЕУ, шефот на чешката дипломатија одговара: „Хрватска и другите балкански земји треба да добијат шанса да и’ пристапат на ЕУ што е можно поскоро, секако откога ќе ги исполнат условите за тоа. На прашањето дали преговорите со Хрватска ќе бидат завршени до крајот на 2009, Шварценберг посочува на отпорот на Словенија и нагласува дека спорот околу границата треба да го решат двете земји. Што се однесува до можноста Хрватска да чека подолго на зачленување во Унијата доколку не стапи на сила Лисабонскиот договор, Шварценберг нагласува: Хрватска мора прво да ги реши отворените прашања со Словенија, како и прашањето на потполната соработка со Хашкиот трибунал. Потоа би требало патот да и’ биде отворен. А ако даде Господ и Лисабонскиот договор би требало на есен да биде ратификуван од сите членки на Унијата, нагласува шефот на чешката дипломатија Карел Шварценберг во интервјуто за австриски „Ди Пресе“.

Во статијата под наслов „Референдум против приемот на Хрватска во НАТО“ пак читаме:

„Националистичката Словенечка национална партија (СНС) најави дека има намера да го блокира приемот на Хрватска во НАТО по пат на референдум. И надворешно-политичкиот одбор на словенечкиот парламент, ненадејно ја одложи дебатата за пристапувањето на Хрватска во НАТО, бидејќи некои од пратениците се плашеа дека со тоа би можело да се зацементира хрватскиот став за границата. Поради истата причина Словенија пред Божик најави вето за Хрватска во ЕУ.

Владејачката коалиција во Словенија смета дека приемот во НАТО нема да има таков ефект на пограничниот проблем и ги повика пратениците да дадат согласност со приемот на Хрватска. Меѓутоа, за изгласување на конечната одлука на владејачката коалиција и’ се потребни и гласовите на конзервативната Демократска партија на Словенија, на поранешниот премиер Јанез Јанша. Таа пак се’ уште нема конечен став по ова прашање.

Во меѓувреме Европската комисија се обидува по пат на тивка дипломатија да посредува меѓу Загреб и Љубљана. Еврокомесарот Оли Рен поврди дека стои на располагање како посредник, а словенечкиот премиер Борут Пахор најави дека неговата влада ќе ги разгледа предлозите на Рен“ - ја објаснува ситуацијата денешен „Ди Пресе“.