1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзниот пријател на Орбан на чело на ЕУ

1 јули 2021

Словенија денеска (1 јули) го презема претседавањето со ЕУ и ќе има клучно влијание врз изборот на темите и распоредот. Но постои загриженост поради слободата на медиумите и владеењето на правото во земјата.

https://p.dw.com/p/3vpf1
Belgien EU Slowenien Janez Jansa und Ursula von der Leyen Treffen
Фотографија: Francois Lenoir/AP/picture alliance

Словенија денеска (1 јули) од Португалија го презема претседавањето со Советот на ЕУ. Владата во Љубљана во следните шест месеци ќе има пресудно влијание врз главните теми и распоредот во одлучувањето на земјите-членки на ЕУ. Но, словенечкото претседавање е во сенка на загриженоста поради слободата на медиумите и владеењето на правото во земјата со која раководи конзервативната влада на премиерот Јанез Јанша.

За 62-годишниот Јанша ова е второ претседавање со ЕУ. Но за разлика од првото во 2008 кое се сметаше за пресвртница, само 17 години по прогласувањето на независноста на оваа поранешна ју-република, овојпат би можело да биде понепријатно.

На прв поглед се чини дека условите се поповолни за Словенија, земја која има жители. По една година, конечно се подготвени корона-фондовите за помош тешки 750 милијарди евра. Под слоганот „Заедно. Отпорна. Европа", владата на Јанша смета на економско опоравување со милијардите од Брисел и сака да продолжи со проектите чија цел е подготовка на ЕУ за борба против идните пандемии.

Фокус на Западниот Балкан

Словенија планира претседавањето со ЕУ да го фокусира на Западниот Балкан со земјите-кандидати Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Се планира самит на шефовите на држави и влади во Словенија во октомври.

Истовремено, Словенија ќе биде потребна и како посредник. Се работи за спорот меѓу Брисел од една и Унгарија и Полска од друга страна, поради кршење на владеењето на правото. Словенечката влада притоа ја поддржува целта „засилување на владеењето на правото и европските вредности", но Јанша се смета за близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан и би можел да влезе во судир на интереси доколку игра улога на „чесен посредник".

Janez Jansa und Viktor Orban
Виктор Орбан и Јанез ЈаншаФотографија: picture-alliance/EPA/Str

Унгарија и Полска минатата година со недели ги блокираа корона-фондовите за помош бидејќи сакаа да ги спречат новите правила врз основа на кои ќе се казнуваат земјите кои го кршат владеењето на правото. Орбан минатата недела на самитот на ЕУ се најде во вкрстен оган поради законот со кој се ограничува правото на малолетниците на информации за хомосексуалноста. Единствени поддржувачи на Орбан се Јанша и полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Напади врз новинари, и претставници на ЕУ

Последниве месеци Јанша со твитови не ги напаѓаше само новинарите од земјата и странство, туку и претставниците на ЕУ, посебно од Европскиот парламент. „На ЕУ не и должиме ништо", напиша премиерот во мај. „Се боревме за својата слобода и демократија пред 30 години".

„Мислам дека ќе постојат постојани тензии меѓу словенечкото претседателство, нивните предлози и институциите на ЕУ", вели Урош Есих, колумнист на дневниот весник Дело. Не е од полза ниту тоа што владата на Јанша досега одбиваше да именува свои истражители во Европското јавно обвинителство кое, со досега невидени овластувања, сепак започна со работа и треба да преземе мерки против прекршувањата на штета на буџетот на ЕУ.

Slowenien  Ljubljana Anti-Regierungs-Proteste
Протести против владата на Јанша во ЉубљанаФотографија: BORUT ZIVULOVIC/REUTERS

Редовни протести во Словенија

Европската комисија ја опомена словенечката влада откако го запре финансирањето на единствената државна новинаска агенција СТА. Јанша ја нарече „национален срам", откако, меѓудругото, го критикуваше неговиот пристап кон пандемијата на коронавирусот. Од Репортери без граници се загрижени што владата на Јанша сега го презема претседавањето со ЕУ: тоа би можело да биде злоупотребено „за да се попречат напорите за зајакнување на слободата на медиумите во Европа", предупредува таа организација.

Во Словенија опозицијата ја обвинува тројната владејачка коалиција на Јанша дека ја користи пандемијата за подривање на демократските институции, слободата на медиумите и независноста на судството. Во меѓувреме, илјадници луѓе редовно демонстрираат поддржани од групите за граѓански права и синдикатите со барање за оставка на Јанша.