1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал со германски војници во Авганистан

25 октомври 2006

Најтиражниот булеварски весник во Германија “Билд“ денеска осамна со скандалозни фотографии на војници на Бундесверот во Авганистан.

https://p.dw.com/p/AdSq
Патрола на војници на НАТО силите во Авганистан
Патрола на војници на НАТО силите во АвганистанФотографија: AP

Членовите на една патрола во рамките на меѓународните мировни сили во оваа земја се изживуваат имено на мртовечка глава. Моментот за објавување на фотографиите е многу неповолен: владиниот кабинет имано денеска треба да донесе одлука за продолжување на ангажманот во Авганистан. Освен тоа ќе биде претставена и германската воена доктрина, во која централно место им припаѓа токму на ангажманите на армијата во странство.

Според изјавите на припадник на Бундесверот снимките потекнуваат од пролетта 2003-та година. Војниците се членови на утринска патрола под команда на еден наредник, пишува весникот Билд. Претседателот на синдикалната организација на германската армија, Бернхард Герц на објавените фотографии одреагира решително:

“Штотуку ги видов сликите, тие се апсолутно одвратни. Се чини дека навистина станува збор за германски војници, во тоа не може да има разумен сомнеж. Ова мора да биде разјаснето под итно и треба да следат нужни казнени и дисциплински мерки. Вакви луѓе не ни требаат во армијата. Она што уште мораме конкретно да го провериме, тоа е како може да дојде до вакви застранувања покрај добрата обука и надзорот во армијата.“

Она што е се‘ уште нејасно, тоа е од каде потекнува мртовечката глава. Се претпоставува дека е извадена од масовна гробница во околината на Кабул. При тоа може да станува збор за посмртни останки на некој Авганистанец или на советски војник од времето на окупацијата во 80-тите години.

Министерството за одбрана најави истражна постапка во врска со скандалот. Министерот Франц Јозеф Јунг порача дека вакво однесување на германските војници нема да се толерира. Доколку се потврдат обвинувањата, ќе уследат соодветни консеквенции. Со оваа тема најверојатно ќе се позанимава и владиниот кабинет, кој токму денеска заседава во зданието на Министерството за одбрана. Повод е продолжувањето на мандатот за војниците во меѓународната операција “ендјуринг фридом“ како и објавувањето на т.н. бела книга, стратешки документ за идната безбедносна и одбрамбена политика на државата.