1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во барањето решение за Косово е се’ покомпликувана

Јерг Пас10 ноември 2006

Специјалниот пратеник на ОН за решавање на статусот на Косово Марти Ахтисари денеска со Контакт-групата ќе разговара за иднината на покраината

https://p.dw.com/p/AdhI
Марти Ахтисари
Марти АхтисариФотографија: AP

Државнички пречек во саботата за косовскиот премиер Агим Чеку, и тоа токму во Црна Гора, која до неодамна беше во државна заедница со Србија – одвај да е можна поголема провокација за Белград. За српскиот претседател Борис Тадиќ тоа е неприфатлив и ненужен гест, оти Чеку нема овластувања да ја претставува покраината Косово во странство и да води билатерални разговори.

Од српски агол на гледање Косово е – и треба да составен дел на Србија. Така стои и во нејзиниот нов устав, кој последните недели по забрзана постапка помина низ сите инстанци, вклучително и референдум. Формално погледнато, тука нема маневарски простор за компромис.

Годинава Србите и Албанците девет месеци преговараа во Виена околу идниот статус на Косово, поточно речено – постојано ги изнесуваа истите аргументи и опстојуваа врз меѓу себе непомирливите позиции. Посредникот на ОН Марти Ахтисари во меѓувреме веќе не верува дека е можна согласност меѓу нив и изработи сопствен предлог за решение. Прашање е само кога ќе биде обелоденет. Долго време изгледаше како да ќе се случи тоа до крајот на годинава. Донесувањето на новиот устав на Србија веројатно го измеша временскиот план.

Според тој устав, имено, неопходни се нови избори. Ако, пак, предлозите на Ахтисари би станале доминатна предизборна тема, тогаш и онака силните ултра-радикали би добиле нов замав, смета не само политикологот од Белград Душан Павловиќ: “Предлогот за решение тешко дека би бил прифатлив за Србија. Поради тоа, би се подгреало јавното мислење. Ако изборите се одржат во толку запалива атмосфера, би било како в шума, при жештина од 50 степени, да запалиш чкорче. Многу е веројатно дека потоа нема да гори само цигарата, туку и најмалку половина од шумата”.

Токму со тој аргумент во последните денови српските радикали играа на факторот време, според мотото: што подоцнежен термин за изборите, толку подолго Ахтисари ќе се колеба да ги презентира своите предлози.

Но, токму тоа не е од интерес за косовските Албанци. Тие сакаат колку што е можно побргу да се одделат од Србија и се подготвени, по потреба, и еднострано да се прогласат за независни, како што на телевизија најави премиерот Агим Чеку: “Ова не е закана, но е една можност. Косово во секој случај ќе биде независна држава. Се разбира дека би ни било помило ако тој чекор уследи со резолуција на ОН, оти тогаш би имале општа подршка. А во овој процес ние не сме сами”.

Весниците во Приштина во меѓувреме известуваат дека веќе наскоро ќе има сопствени дипломатски претставништва на Косово во странство – во Вашингтон, Брисел и во другите главни градови на земјите на ЕУ.

За едните, значи, работите не одат доволно брзо, другите најрадо би го запреле часовникот. А приближување меѓу нив ни оддалеку не е на повидок.