1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите решенија за Косово се невозможни!

22 октомври 2011

Политичките аналитичари од Приштина деновиве споменуваат две можни решенија за северот на Косово - да биде под надзор на Еулекс или да добие широка автономија. Обете се неприфатливи за Белград и за косовските Срби.

https://p.dw.com/p/12wZA
Фотографија: dapd

Во актуелната ситуација не постојат јасни решенија за северот на Косово, вели за Дојче Веле Александар Фатиќ, директор на Центарот за безбедносни студии. Досегашниот тек на преговорите покажа дека официјален Белград всушност создава дилеми и конфузија и дека користи различна реторика за комуникација со меѓународната заедница и со Србите на Косово.

Приштинските аналитичари разгледуваат неколку решенија за северот на Косово. Едно од нив предвидува привремен надзор на северот од страна на ЕУ, до спроведување на планот на Ахтисари. Фатиќ предупредува дека косовските Срби јасно ставиле до знаење дека не прифаќаат никакво решение кое ќе ги стави под суверенитет на Приштина.

„Тие бараа од Белград да ја повлече согласноста за разместување на Еулекс. И по тоа прашање, кога се гледа од правно-принципиелна страна, тие се во право, затоа што оној момент кога Белград ја даде согласноста, фактички беше призната независноста на Косово, затоа што Еулекс има мандат да ги применува Уставот и законите на Косово“, вели Фатиќ.

Автономијата е неприфатлива

Нема трајно решение, доколку околу него не се согласат обете страни кои се вклучени во процесот на преговори, вели за ДВ, Ненад Васиќ, координатор на Групата за Косово. Едно од решенијата кое го нудат приштинските аналитичари е автономија за северот. Зошто е тоа неприфатливо за Србите?

Hunderte Serben protestieren in der Stadt Gracanica gegen das Vorgehen der Kfor
Протести во Граначица на локалните СрбиФотографија: picture-alliance/dpa

„Автономија не е доволна од едноставна причина што Србите на северот на Косово го прифаќаат Уставот на Србија. Тоа е суштината. Тие себеси воопшто не се сметаат за дел на независно Косово“, вели Васиќ.

Автономијата за северот би значела и прифаќање на независноста на Косово, а тоа не е реално да се очекува, особено во пресрет на парламентарните избори во Србија.

„Србите на Косово се чувствуваат двојно измамени. И од меѓународната заедница и од Србија. Тие неодамна многу остро протестираа и против преговарачите од Белград и не гледам можност тие да прифатат било која од овие две алтернативи“, вели Фатиќ.

Решението на проблемот, наспроти залагањата на меѓународната заедница, Фатиќ го гледа на долг рок. Шансата, според него, е токму во тоа тој „да се одржува како замрзнат конфликт и со долгорочна политика да се подобруваат односите меѓу Србите и Албанците“.

Фатиќ оценува дека официјален Белград не нуди ништо, односно се обидува во исто време да одржи добри односи со ЕУ, но и да не го признава Косово барем до следните избори, а потоа ќе се решава како понатаму.

Автор: Ивица Петровиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски