1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

СИПРИ: Светот и натаму се вооружува

Керстен Книп
2 мај 2018

Во земјите ширум светот воените издатоци се малку зголемени во однос на претходната година. Но, постојат и исклучоци, истакнува за Дојче веле Питер Веземан од Институтот за мировни истражувања во Стокхолм.

https://p.dw.com/p/2wy2r
Tornado GR4 mit BRIMSTONE-Raketen
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Дојче веле: Господине Веземан, во Извештајот за 2017. година СИПРИ, стокхолмскиот Институт за истражување на мирот, забележува благо покачување на воените издатоци ширум светот - 1.739 милијарди долари, што е 1,1 процент повеќе отколку во 2016. година. Дали е тоа многу или малку?

Питер Веземан: Доколку се земат предвид статистичките нејаснотии и околноста дека податоците никогаш не се во целост веродостојни, тогаш може да се каже дека станува збор за благо зголемување. Но, јасно е дека воените издатоци глобално се стабилизирани на многу високо ниво. На регионално ниво се забележуваат прилично големи разлики...

На пример во Кина. Таму воените трошоци се зголемени за 5,6 проценти, на вкупно 228 милиони долари.

Да, но тоа ја следи линијата на досегашното зголемување на издатоците во последните дваесет години. Воените трошоци таму го следат растот на брутодомашниот производ. Значи, не е во прашање посебно драматичен развој. Кина е на второ место во светот според издвојувањата за војската. Сепак, тоа е далеку зад најголемиот вложувач, САД, и далеку пред останатите земји на врвот на листата.

Повеќе: 

Блескави времиња за трговците со оружје

Расте трговијата со оружје во светот

Што говори тоа за политичките амбиции на земјата?

Кина е многу голема земја со голема економија. Таа не сака да биде голема сила само во регионот, туку и глобално. Кина има големи амбиции и тоа има одраз и врз воените издатоци.

Повеќе: 

Кој ја поседува најмоќната армија во светот?

Ги споменавте САД во однос на големите воени издвојувања. Тие вложуваат во својата војска повеќе одошто следните седум земји на листата заедно. Што значи тоа?

Претседателот Доналд Трамп веќе го протурка зголемениот буџет, иако имаше големи противења. Во САД постојат многу влијателни гласови за намалување на издатоците за војската. Но, Трамп сепак успеа да се избори. Зголемување може да се очекува и во следните години.

Pieter D. Wezeman, senior researcher at SIPRI
Питер Веземан од СИПРИФотографија: SIPRI

Посебно големи воени издатоци има на Блискиот Исток. Таму се наоѓаат седум од десетте земји чии давачки за војската се најголеми во однос на брутодомашниот производ. Тоа се Оман, Саудиска Арабија и Кувајт, но и Јордан, Израел и Либан. Како го оценувате развојот во овој регион? 

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар се спремни да одделат големи делови од своите БДП за воени буџети, Саудиска Арабија дури десет проценти. Тоа покажува како овие земји гледаат на својата позиција во регионот. Во случајот на Саудиска Арабија, се покажува како таа гледа на својот главен конкурент, Иран. Војните во Сирија и во Иран освен тоа се индикатор дека овие земји не само што ги зголемуваат своите издатоци, туку се подготвени и да го употребат оружјето за постигнување на своите цели. Од друга страна, Иран вложува релативно мали суми за војската. Но, тоа може да се промени. Иран би ги зголемил уште повеќе вложувањата во воен буџет, но моментната економска ситуација тоа не му го дозволува.

Symbolbild SIPRI Militärausgaben Bericht 2014
На глобално ниво, издвојувањата за воени буџети остануваат високиФотографија: picture-alliance/dpa

Африканскиот континент бележи минимално намалување на издвојувањата за војска, за половина процент. Какво објаснување имате?

Постојат многу различни причини. Ангола ги намали издатоците поради паѓањето на цената на нафтата. Тоа може да се каже и за некои други африкански земји, кои зависат од нафтените приходи. Но, во некои држави има зголемување на воените трошоци, како Судан. Борбите меѓу владините сили и бунтовниците таму се интензивирани. Тоа пак видно влијае и врз воените издвојувања во Ангола и во други држави. Но, постојат разлики во ситуациите во различни земји.  

Во централна Европа воените издвојувања пораснале за 12 проценти, во западна Европа за 1,7 насто. Има ли тоа врска со чувството на загрозеност од страна на Русија?

Европските земји на овој начин реагираат на случувањата кои ги доживуваат како закана, првенствено ситуацијата во Украина. Русија навистина во последните десет години прилично ги зголеми воените давачки. Затоа европските држави се чувствуваат принудени да го прават истото, како Полска. И НАТО го зголеми бројот на своите сили во регионот. Сепак, треба да се каже дека Русија сега не ги зголемува издвојувањата за воен буџет, дури и ги намали во однос на 2016/2017. година. Тие бројки треба да се имаат во вид при дискусиите во Европа за зголемување на буџетите за одбрана. Би можело дури да се постави и прашање - дали не е вистински момент за намалување на сопствените воени давачки, за да се демонстрира постоење волја за решавање на конфликтот на поинаков начин.

Питер Веземан е водечки научник на студентската програма Трансфер на оружје и издвојувања за војска во Меѓународниот институт за мировни истражувања (СИПРИ) во Стокхолм.