1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СИД го затвора кругот

18 октомври 2018

Природата на тајните служби на СФРЈ и нивните пост-федерациски корени во Македонија е сеуште табу. Недопирлива тема, преболна поради нејзината деликатна улога во годините по независноста, па се до денес.

https://p.dw.com/p/36lL0
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Најновата епизода од полудецениската криза е веќе толку изелаборирана и издебатирана што чиниш дека веќе нема останато ниту еден агол од кој таа не е согледана, претресена и изанализирана. Дотолку повеќе што, традиционално, нештата се поставени во таков црно-бел контраст кој ниту нуди – а уште помалку толерира – било каква нијанса на просудување надвор од утврдената шема. Накратко, се е јасно, се се знае, се е очигледно – а сепак, многу тешко да се разбере која е причината која ја генерира оваа перпетуална криза на циклични ерупции во нашето вртење во круг. Импонираниот дискурс на политичката анализа кај нас диктира фокусирање ексклузивно врз површинските играчи, детинесто поедноставени објаснувања и отфрлање на било каков увид во двигателите на процесите во позадината. Токму тој диктат на црно-белоста, на површноста, на фарсата, на флоскулизираната анализа е доказ за потребата за одвлекување на вниманието од вистинските фактори скриени настрана од светлото на јавноста и амнестирани низ нарачани рафали на цинизам и постмешливост.

Треба да не зачуди, затоа, што во нашата земја дебатата никогаш не се либела да допре до секакви, дури и опскурини аспекти на нашата политика. Но по некој магичен, мистериозен терк, таа дебата никогаш не се осмели да допре до пред-индепендистичкото еволуционо потекло на нашиот политички систем, нашата политика, нашата администрација. Во нашата дебата не постојат осумдесетите. Уште помалку ги има седумдесетите. Шеесетите, пак, небаре се сведени на летните весели фустани на Џундева од крајрбрежните мирни лета. Нашата независност е цементирана во нашиот колективен ум како некакво безгрешно зачетие на Девица Македонија, датум пред кој саде мрак не обвивал, како зомби без меморија. Сте се запрашале ли зошто младите денес знаат толку многу за Дедо Аминта и Стрико Делчев, но доколку ги запрашате кој жарел и палел низ Македонија во седумдесетите и осумдесетите, сетики ќе ви одговорат дека тоа биле Прле, Тихи и Паја.

Да, вреди да се зачудите за тој превид. Но само како причина за да се запрашате зошто е тоа така? Која е причината за магловитоста во нашата свест и мисла за тие децении пред независноста кои така лесно ги етикетираме со аро-комуњарско и фрламе во архива? Искуствата од нашиот поранешен север налагаат дека тоа прашање е побитно отколку што мислиме, бидејќи во тие магли лежат првичните гревови на денешните кризни оргии.

Geheimdienst Agent - Symbol
Фотографија: Imago/B. Koch

Претпоставувам дека до овој пасус веќе помислувате за фамозните кратенки на тие времиња – за државната безбедносна агенција УДБ, за военото разузнавање КОС и нивните задкулисни командировки со политиката. Нема да ве демантирам, туку само ќе потсетам за третата кратенка, најтајновитата од сите тајни служби на СФРЈ за која и ден денес малку се знае и уште помалку зборува. Таа кратенка е СИД – Служба за информирање и документирање при Сојузниот Секретаријат за Надворешни Работи (Седми Оддел), формирана во 1947, превземена од Србија по распадот на Федерацијата и згасната во 2007 година. СИД всушност била цивилната тајна служба на СФРЈ, распоредена низ сите дипломатски претставништва со широк диапазон активности и влијание кое – според некои – ги намдинувало дури и УДБ и КОС. Посебно во однос на финансијските прашања, како што е изнесувањето на пари од Србија во Кипар. За нашите прилики е посебно интересно што двата последни нејзини раководители во Србија – Јаначковиќ и Ѓурин -  своите кариери ги имаат продолжено во дипломатијата – и тоа токму во Скопје, како Амбасадори на Република Србија. За разлика од нас, мрежата на поранешни работници н СИД е обилно документирана (и објавена) во Хрватска и делумно во Словенија. Кај нас – ги знаеме во кафуле, не ги препознаваме во јавноста.

Природата на тајните служби на СФРЈ и нивните пост-федерациски корени во Македонија е сеуште табу, недопирлива тема, преболна поради нејзината деликатна улога во годините по независноста, па се до денес. Но наместо детективско истражување на наследената агентура, поупатно е да се укаже на начините на кои природите на овие тајни служби имаат допринесено (благо кажано) кон формирањето на современата политичка сцена, политички дискурс, администрацијата и самото општество и системот кој го управува. Накратко, следејќи ја тематската суштина на УДБ, КОС и СИД може да се добие увид во прерогативите користени за диктирање на политичките собитија.

По таа линија, внатрешно ориентираната дефанзивно-одбранбената природа на УДБ и КОС се има фокусирано врз домашните федерални „вообичаени осомничени” како националистичките кругови, иредентистите, клерикално настроените, левичарски ќелии и слично. Следствено, во демократијата влијанието на УДБ-КОС секогаш било најизразено и вперено во новосоздадените, десно ориентирани, патриотски партии ширум Југославија, додека пак кај нас воглавно во ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии. Илустративно за тоа е наглиот заокрет на некогашните марксизам-самоуправување професори и интелектуалци кон национализмот (и религијата) и вклучувањето во десничарските партии. Како и секаде низ екс-ЈУ, и кај нас впечатлив е како преминот на поранешните внатрешни разузнавачи во национал-десницата така и експресно стекнатиот имиџ на татковци и/или маченици на нацијата. За на крај таа Mutatis mutandis трансформација добие надреални димензии на апсурд низ процеси во кои КОС ја лустрира УДБ и обратно.

Тематската природа на СИД како надворешно- ориентирана дипломатска разузнавачка агенција ја има диктирано и нејзината пост-комунистичка ескапистичка ориентација кон либерализмост и социал-демократијата како некакви деморкатски наследници на братство-единството. Приод во пракса базиран врз привилегијата на дипломатијата и богатите искуства на службени контакти со надворешноста и странските посестрими низ кои се имаат испеглано новите црвени буржуи на демократијата и слободното општество. Од СИД и нејзините недра се имаат испилено безбројни големи надежи на новата либерална демократија и пазарна економија. Што патем и ја објаснува вратооломната брзина на западните дипломати да баш во нив ги најдат новите надежи на про-западноста и либерализмот. Во тој склоп на домашните екс-комунистички буржуи (мутирани во социал-демократска аристократија) и западните дипломатии ќе го најдете и објаснувањето за појавноста на многу домашни ликови, но и за падот на оние кои не успеале целосно да ја заокружат преобразбата од дебели ларви на едноумието во шарени пеперутки на демократијата. Конкретна илустрација за таа појава се настаните во СДСМ во периодот 2012 – 2015 како недоволно истражена епизода на "непринципиелно коалиционирање” помеѓу домашните остатоци на СИД и западните амбасади како и премин на потомствата на службите од една кон друга партија.

Geheimdienst Agent - Symbol
Фотографија: Imago/Imagebroker/Hohenacker

Се разбира, дефинирањето на улогата на СИД во денешната домашна политика не подразбира дека станува збор за некакви бесмртни метузалеми отпорни на законите на биологијата кои сеуште роварат низ денешницата. Но, било кој малку по-прониклив увид низ структурите на денешната тнр. либерална архитектура и мрежа низ земјата ја става на увид чудната и секако не спонтана присатност на втората и третата генерација на семејни наследства, на ќерки и синови, снаи и зетови кои ги користат контактите и информациите стекнати од нивните родители со стаж од Белградските подруми и архиви. И уште побитно, наклонетостите на западните дипломати во Скопје полни со повици за "гледање кон иднината”. Белким, за да не се види врз какви крвави темели и од каков минат труд ќе се изгради истата. Што посебно се однесува на традиционалните влиијанија на Вашингтонските „Belgrade Boys” групировки датирани од времето на Лоренс Иглбергер и операцијата "Југо 45”, а денеска полонгирани низ ексклузивна привилегија на недопирливост под чадорот на невладини организации, медиуми и банкарство.

Детективскиот осврт кон оваа намерно заташкувана проблематика на нашата политика е можеби белетристички и шунд-медиумски интересна за обичната раја. Но таквиот пристап би ја обесмислила нужноста за соочување со феноменот како инструмент на статус-квото од кој зависат судбините и привилегиите на потомствата од белградските служби. За почеток, доволно е да се втемели свеста во општеството дека без нивна ефективна лустрација надвор од системот контролиран од нив, залудно е да се очекува било каква промена и излез надвор од кругот на перманентна криза. Впрочем, зарем случајно Прибе впери прст токму во нереформираните тајни служби? И впрочем пак, зарем таква реформа е можна се додека САД, Германија, Британија и Франција не ја прифатат одговорноста дека со нивното инсистирање на одржување на  „клубот на семејни познаници” тие самите ќе придонесуваат кон политиката на одржување лабилен мир на граници и стабилен хаос во општеството? Пристапот на меѓународната кон пост-груевизмот и посебно кон спорот со името упатува на тоа дека кај наведените нема искрена интенција за тргање на таа корупка од нашите очи и умови – само нејзино по-кој-знае-кој-пат прешмникување со нови звездички и сини знамиња и пароли рој. И се додека опстои тој приод кон нас и нашите поколенија, нашата и нивната иднина ќе остане тажно олицетворние на клетвата nomen est omen, како Поранешна Југословенска или зависна кон Север Македонија, сеедно. Со таа мисла на ум, дали ќе ми замерите доколку кажам дека нашиот пат кон иднината води низ нашето соочување со живите сеништа и децениите на минатото? Во кое – не сосема по сопствена воља – сме сеуште заробени. И забранети да порастеме.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач