1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сигурни земји“ - но за кого?

АТ/ дв/ Тац/ Шпигел онлајн4 октомври 2014

Откако БиХ, Македонија и Србија во Германија се прогласени за сигурни земји, германскиот печат и натаму се прашува дали тие земји за Ромите се навистина сигурни. Весниците пишуваат и за состојбата на Ромите во Германија

https://p.dw.com/p/1DPo2
Фотографија: picture-alliance/ZB

„Србија е 'сигурна земја на потекло' - но за кого? Еден Ром од Белград раскажува како двапати побегнал во Германија и бил вратен“, наведува во својот прилог берлинскиот весник „Тагесцајтунг“. Авторот на прилогот во својата репортажа посебно се осврнува на животот на Ромите во белградската приградска населба Крњача, во кое е сместена „за Балканот типична, дива ромска населба“.

„Кога здогледа двајца непознати луѓе Камерај Сајин (27) излезе од својата барака. Со широка насмевка на лицето и веднаш нѐ кани на турско кафе. Неговото гостопримство кон странци не е вообичаено за Ромите во Србија: искуството ги научи да бидат внимателни кога им доаѓаат странци. Бидејќи честопати тоа значи дека им претстои принудно преселување или некое друго зло. Од новинарите се чувствуваат измамени, оти новинарите 'заработуваат на нивната неволја', може да се чуе“, пишува весникот и продолжува:

„Сајин гордо раскажува дека со сопругата и трите деца двапати бил во Германија. Осум месеци ова семејство во 2013 година минало во Штајнфурт, оваа година 'три месеци и единаесет дена'“. Имено, пред неколку недели тие се вратени во Србија, раскажува Сајин и додава дека престојот во Германија бил „доста добар“. Весникот ја пренесува приказната на Сајин дека неговото семејство во Германија минало низ неколку домови за азиланти и на крајот добиле дури и стан, дека во Каритас за две евра можеле да добијат храна и облека, дека ќерката одела на училиште, а синовите во градинка.

„'Не како овде' вели Сајин, но тоа не звучи како жалење, туку како констатација.“ Сепак Сајин вели дека и покрај сѐ си ја сака татковината и само таму се чувствува дома. „Овде во Крњача ќерка му мора да оди во вечерно училиште, бидејќи го загубила местото во основното училиште и нема потврда дека одела во германско училиште. Синовите не се во градинка, а од државата добива само 10.000 динари (85 евра) детски додаток. Во Германија сѐ е, истакнува Сајин, 'некако почовечки', немате чувство дека сте 'валкан циган'“.

Informelle Roma Siedlung Belgrad Serbien
Многумина собираат картони или старо железо оти немаат друга работаФотографија: Daniel Bishton

„Што ние циганите да очекуваме тука?“

Авторот на прилогот го прашува Сајин како ја минал границата, на што тој одоговара дека на српската граница ги покажале пасошите, и дека унгарските граничари ги подмитил. „Во населбата живеат околу 100 луѓе во околу 25 бараки. На водоводната мрежа се приклучија нелегално, а струја плаќаат на една соседна градежна фирма 'на приватна база'. Тоа го среди Денис Сајти (27) кој има завршено основно училиште. Него го викаат Буш, поради неговите лидерски способности - по бившиот американски претседател. Само Буш и еден друг жител на населбата имаат работа во белградското комунално претпријатие, на одредено време, без платен годишен одмор и здравствено осигурување. Другите собираат старо железо и го продаваат за околу две евра за 100 килограми. 'Убаво што Србија сега важи за сигурна земја, но од што да живееме ние тука?', прашува Буш. Најмалку една четвртина од граѓаните на Србија живеат на или под работ на сиромаштија, секој трет е невработен. 'Што ние циганите тука да очекуваме?', прашува повторно Буш“, пренесува „Тагесцајтунг“.

Поголемиот број Германци не ги гледаат Ромите како рамноправни граѓани

Ситуацијата на Ромите е и тема со која се занимава „Шпигел онлајн“, но за правата и дискриминацијата на Синтите и Ромите во Германија. „Шпигел онлајн“ во текстот со наслов: „Секој трет Германец не сака Роми за соседи“, го резимира резултатот од најновата студија која ја спроведе германската Државна служба за антидискриминација. „Поголемиот број Германци Синтите и Ромите не ги гледаат како рамноправни граѓани“ се наведува во студијата. „Шпигел онлајн“ понатаму ги пренесува главните резултати од студијата. „Половина од населението смета дека Синтите и Ромите со своето сопствено однесување предизвикуваат непријателско однесување кон нив“, наведува „Шпигел онлајн“ и дополнува дека секако еден од главните резултати на студијата е дека „секој втор граѓанин ограничувањето на влезот во земјата го смета за сигурно средство за намалување на проблемот“ во односите со тоа малцинство.

Шефицата на наведената државна служба Кристине Лидерс наведува дека таа студија е еден вид предупредување ова малцинство подобро да се интегрира, пишува „Шпигел онлајн“. Лидерс понатаму навдува дека студијата покажала дека „многумина воошто ништо не знааат за Синтите и Ромите“ и дека темата повеќе би требало да биде во фокусот на германската јавност, пишува „Шпигел онлајн“ .