1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенки над Европската комисија

Барбара Везел / Жана Ацеска 13 ноември 2014

Дали на претседателот на ЕК, Јункер му се целосно врзани рацете? Спорните модели за даночно штедење во Луксембург го доведоа под масивен притисок. Сега тој сака да стане рефоматор и да не зборува веќе за минатото.

https://p.dw.com/p/1DmF7
Фотографија: picture-alliance/dpa/Olivier Hoslet

Една недела откако аферата Луксембург-гејт го доведе Брисел до турбуленции, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја заврши криенката и се реши на офанзивна одбрана. Со денови новинарите немаа соговорник за своите горливи прашања, но потоа ненадејно, вчера попладнето (12.11.2014), Јункер свика прес-конференција. Во иднина тој планира засилување на борбата против прекуграничното затајување данок и иницирање автоматска размена на податоци во врска со даноците на големите концерни, најави Јункер, надевајќи се - неговите амбиции ќе ги споделат сите земји-членки. Притиснатиот политичар сега ја менува улогата и сака да стане реформатор.

Непријатни прашања

Но, само да не беа прашањата со кои го засипаа новинарите. Дали Јункер, како долгогодишен премиер, бил архитект на стратегијата за оптимирање даноци, со која малиот Луксембург намами над 300 големи концерни?

„Јас не бев архитект на луксембуршкиот модел“, одговори претседателот на ЕК, но призна: „Јас сум политички одговорен за случувањата“. Дали жали за целата работа? „Не ги прочитав 28.000 илјади страници на извештајот (документите за данокот, н.з.), но ако тоа водело кон неплаќање данок, жалам за тоа“. И конечно, едно непријатно прашање: „Сега, по откритијата од минатата недела, дали Јункер верува дека може да настапи веродостојно како највисок претставник на Европа пред 500 милиони граѓани?“ Претседателот на Европската комисија се задоволи со едно едноставно - да.

Jean-Claude Juncker Europaparlament 12.11.2014
Фотографија: Reuters/Eric Vidal

Потоа Јункер со истата стратегија настапи и пред Европскиот парламент.

„Под овие околности, сметам за нормално да ви се ставам на располагање во првата прилика“. Пратениците се‘ уште спореа дали треба да го повикаат на изјаснување, така тој порадо им го одзеде ветрот од едрата. Во врска со своето минато, Јункер истакна - во Луксембург секогаш биле почитувани даночните закони и тој не знаел ништо за незаконските пракси. А потоа се сврте нанапред: уште од 1 јануари во ЕУ ново правило ќе ги забрани претприемачките конструкции насочени кон затајување данок. Колку што е можно побрзо треба да биде воведена автоматска размена на податоци меѓу земјите-членки околу даночните прашања за концерните. Мерките против проневери и избегнување плаќање данок сега се високо на агендата. И конечно, Жан-Клод Јункер не гледа никаков конфликт на интереси меѓу неговата сегашна функција како претседател на ЕК и истрагата на аферата од страна на надлежната еврокомесарка: „Таа има широки компетенции, јас тука нема да се мешам“, тврди Јункер.

Без агресија во Европскиот парламент

Европратениците со него постапуваа главно благо: демохристијаните дури не ја разбираат возбудата и кревањето прашина минатите денови и објавија своја доверба: „Верувам дека Жан-Клод Јункер може да ги реши проблемите во Европа“, изјави Манфред Вебер. Социјалдемократите понагласено побараа брза промена на европските даночни закони и поголема контрола, а Левицата планираното гласање за недоверба повторно го стави во фиока. Само Ги Ферхофштат од пратеничката група на либералите зборуваше за оставка, како и евроскептиците од британската партија УКИП, гледајќи темни облаци над ЕК поради скандалот: „Веќе имаме еден со врзани раце во Вашингтон“, изјави либералот, алудирајќи на американскиот претседател Барак Обама, „не ни е потребен уште еден во Брисел“.

Критиката продолжува

И експертот за финансии од групата на Зелените, Свен Гиголд не е задоволен со реформските предлози изнесени од Јункер:

„Би рекол: не е амбициозно. Јункер сега излезе од скривалиштето, но предлозите цврсто се придржуваат на идејата за даночна конкуренција во Европа, а посебно недостигаа обврзувачка транспарентност за претпријатијата, каде и колку платиле. Исто така нема и најниски даночни стапки, а овие два предлога тој можеше да ги изнесе, што за жал го пропушти“.

Иако, претседателот на ЕК знае - идејата за даночна конкурентност за многу членки на ЕУ и натаму е света, не само за Луксембург. Пратеникот од Зелените смета дека мерките не се доволни, а тој не верува ни дека Јункер сега брзо ќе ја преброди аферата: „Се разбира, истрагата треба да продолжи, централно е притоа дали станува збор за нелегална помош. Ако се работи за нелегално помагање, претпријатијата треба да ги уплатат даноците кои ги избегнале. Да биде иронијата поголема, парите повторно ќе се слеат во луксембуршката држава. Но, решавачко е овие пари во иднина да се насочат кон инвестициски програми, а не нив да ги касира самиот Луксембург, Ирска или Холандија.“