1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенаторот Коркер: Трамп ризикува „трета светска војна“

ЖА
9 октомври 2017

Републиканскиот сенатор Боб Коркер влезе во вербална „војна“ со Доналд Трамп преку Твитер, оценувајќи го американскиот претседател за „исклучително опасен“

https://p.dw.com/p/2lUSi
Bob Corker US Senator
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Schelzig

Влијателниот републикански сенатор Боб Коркер му префрли на американскиот претседател Доналд Трамп дека со своите закани против други земји ги води САД „на пат кон трета светска војна“. Трамп му предизвикува загриженост, исто како и секому „кому му е важна нашата земја“, изјави Коркер во интервју за весникот „Њујорк тајмс“. Во интервјуто Коркер се пожали на однесувањето на Трамп, кое според него е исто како и во поранешното ТВ-шоу на сегашниот претседател, „Приправник“. Во ова риалити шоу кандидатите се натпреваруваа за добро платена работа во деловната империја на Трамп.

Претседателот Трамп, преку своите твитови ги минираше првите преговарачки напори на својот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон кон Северна Кореја, истакнува Коркер. Трамп и Коркер, кои припаѓаат на иста партија, претходно на невообичаено отворен и остар начин разменија вербални удари преку Твитер.

Коркер е претседател на најважната, Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Трамп го нападна Коркер по неговиот твит дека нема да се кандидира на изборите за Конгресот во 2018. година. „Сенаторот Боб Коркер ме молеше да го поддржам неговиот реизбор во Тенеси. Реков 'не' и тој испадна“, напиша Трамп на Твитер, додавајќи:

„Тој побара да биде државен секретар, а јас реков 'не благодарам'. Тој исто така е одговорен за ужасниот договор со Иран“, напиша Трамп.

Сенаторот Коркер, поранешен поддржувач на Трамп, изјави дека главните советници во администрацијата на Трамп ги задржуваат САД да не паднат во хаос. По вчерашните коментари на Трамп, сенаторот Коркер исто така на Твитер напиша:

„Срамно е што Белата куќа стана центар за грижа за возрасни. Некој очигледно ја пропушти својата смена ова утро“, напиша тој.

Причина за вербалните напади од страна на Трамп се изјавите на Коркер од минатите недели, со кои тој навести дека е итно нужно Трамп да биде ставен под надзор.