1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија – бинационална држава?

Милчо Јованоски 12 јули 2015

Лидерот на Движењето за реформи ДПА- новата партија на Албанците во Македонија, Зијадин Села се залага за нов договор меѓу Албанците и Македонците.

https://p.dw.com/p/1FxOZ
Фотографија: DW/S. Toevski

Во интервјуто за Дојче веле, Села кој воедно е и градоначалник на Општина Струга, потенцира дека договорот нема да им служи за политички маркетинг, туку реално подобрување на правата на Албанците во Македонија. „Парламентот би бил дводомен, албанскиот јазик, службен во цела Македонија,а буџетот на државата би се делел локално“, вели Села.

ДВ: Господин Села, неодамна ја формиравте новата политичка партија, Движење за реформи ДПА. Како ќе се позиционирате во албанскиот политички блок и воопшто на македонската политичка сцена?

Села: Формирањето на новата партија е резултат на повеќе од една година работа на терен со активисти од старото членство на ДПА кои имаа за цел да се реформира партијата. Судството во Македонија е екстремно политизирано. Доставивме барање да се одземат партиските печати, организиравме конгрес почитувајќи го и статутот на партијата и се’ друго, но судот одлучи во корист на господинот Мендух Тачи. За уште еднаш да ја пререгистрираме ДПА бевме принудени, почитувајќи го законот, да извршиме неколку промени. За нецели четири часа собравме близу 2000 потписи, двојно повеќе од потребните, а имаме околу 14. 000 членови. Бројка која Тачи и останатите партии ја немале и немаат зад себе. Ние сме вистинското ДПА кое верува во новиот договор што треба да се направи меѓу Албанците и Македонците и тој договор нема да служи само за политички маркетинг, како што тоа досега го правеше Тачи. Со договорот Собранието на Република Македонија би било дводомно и би постоела вистинска консензуална демократија. Албанскиот јазик би бил службен во цела држава, а во делењето на државниот буџет, имаме мала промена, конкретна и долгорочна која би била решена со закон. Буџетот во иднина би се делел по локална,а не по централна или етничка линија, како што е сега. Бидејќи сега се инвестира во делот каде што живеат само Македонците и ништо не се инвестира во општините каде што мнозинство се Албанците. Ние сме десно ориентирана политичка партија, каква што бевме од секогаш. Можеби делува збунувачки, но промените се направени само заради регистрирање на политичката партија.

За годините наназад му забележувате само на Тачи или на Ахмети. Како, според Вас делуваат албанските партии во Македонија, во овој политички миг?

Потребата за појава на вакво движење внатре во ДПА се јави по парламентарните избори во 2014 година од желбата да се дојде до промени и граѓаните вистински да гласаат за промени. На тој начин Албанците да не бидат искористени само за политички цели и после да се заборават нивните барања и потреби. Албанците живеат многу лошо во Република Македонија, буквално се експлоатирани и живеат како колонија во една држава. Целта е да се добие легитимитетот. Се’ додека Мендух Тачи е на чело на ДПА, нема да се случи смена на ДУИ и на Али Ахмети. Но, нашата појава, вистински почна да ги плаши актерите кои си создале такви правила на игра за состојбата да е статус - кво. Во оваа игра актерите се познати. Од една страна е Никола Груевски и власта и од друга страна се Ахмети и Тачи кои исто така, се дел од власта и играта да се зачува оваа политичка ситуација. По се’ изгледа нив ги интересираат личните бизниси и благодети, а не состојбата на Албанците во РМ. Преку реформите внатре во ДПА уште за време на изборите најавивме дека ова ќе биде и реформа на начинот на размислување на граѓаните и на начинот на кој досега се водела политика и се отвора нова страница за водење на политика во РМ. Во меѓувреме направивме Сојуз со партијата НДП и нивниот лидер Весел Мемеди. Ги повикавме сите кои сакаат да ја променат ситуацијата да бидат дел од Сојузот за Албанците и на претстојните предвремени парламентарни избори ќе излеземе заеднички.

Gebäude der Gemeinde Struga OPSTINA
Фотографија: Milco Jovanoski

Размислувате ли за здружување со некоја од македонските опозициски партии за да се сруши оваа сегашна власт, од која сте незадоволни?

Сојузот не е туку-така создаден. Претходно се усогласени и договорени неколку приоритети. Зедовме обврска да имаме заедничка политичка платформа. На претстојните избори ќе одиме со заеднички листи и нема да бидеме дел од власта и ако добиеме легитимитет се' додека не се случат уставните промени со кои Македонија би ја направиле бинационална држава, со вистинска консензуална демократија меѓу Македонците и Албанците и со почитувања на правата на сите други малцинства кои живеат во РМ. Од македонските политички партии, опозиција или власт, не знам кој би биле, ако јавно ја прифатат нашата политичка платформа, како своја и да се за дводомен парламанет и да се изјаснат дека ќе гласаат во Собранието за промени на уставот со кои Македонија би била држава на Македонците и Албанците и би функционирала бинационално, ако отсега прифатат дека ќе гласаат промени на уставот за албанскиот јазик да биде службен јазик на цела територија на Македонија, не е ништо спорно, отворени сме кон сите кои ќе ги прифатат овие најважни принципи кои ние ги ставаме на маса. За сите кои се заинтересирани само за власт, ние не сме заинтересирани за коалиција со нив.

Гледате ли брз излез и решение за моменталната политичка криза во Македонија?

За жал нема транспарентност во процесот на преговорите кои се прават во врска со надминување на кризата и малку луѓе имаат информација што се случува. Не е ни демократски, ниту здраво за едно општество да се водат преговори, а јавноста да не биде информирана за што се работи. Мислам дека сета оваа работа од почеток е започната погрешно. Нема потреба да се бара техничка влада. Можеби и не може да се биде во власт со луѓе кои таа власт ја имаат злоупотребено и се однесувале криминално со власта која е во нивните раце, а им е дадена од граѓаните. Уште од почетокот, кога се објавија прислушкувањата, нашето движење имаше свој став и побаравме Специјален суд во Македонија за прво да се најде правно решение. Тоа значи криминалот и криминалците кои се дел од власта да одговараат пред лицето на правдата и по тој процес да се формира техничка власт. Уште сум за тоа. Не може да се има фер избори кога имаш луѓе кои имаат многу власт во себе и многу пари со кои пак ќе почнат да ги купуваат гласовите и без разлика што ќе има техничка власт или експертска Влада, без разлика кој ќе ја води, важно е тие кои работеле противзаконски да одговараат пред судот и ако има простор, не сакам да прејудицирам во тој дел од судството, да завршат во затвор и потоа да има техничка влада. Ваковото функционирање е многу лошо за граѓаните. Со секој момент во кој ДУИ е дел од власта се остава простор за нови монтирани политички процеси, слични на оние кои се случени досега, како последниот во Куманово и други. Затоа не треба да се правиме наивни сите ние. Решението можеби не е ни во Брисел ни во Вашингтон, решението е овде ако вистински веруваат дека треба да имаме правна држава. Тие не треба да гласаат нови министри, баш тие кои се повикуваат на некои вредности, а изгледа дека ги немаат бидејќи се заедно во влада која е против граѓаните.

Освен што сега сте лидер на новиот политички субјект, две години сте и градоначалник на Општина Струга. Имавте опструкции од преземањето на мандатот, очекувате ли засилени притисоци и дали имате механизам за да се заштитите?

Притисоците веќе се засилени. Секој ден ми доаѓаат чудни барања. Од Републичкиот инспекторат од Министерството за транспорт и врски бараат документи за сите предмети од 2011. година наваму, дозволи и легализации и записници на инспектори да им ги пуштам во Министерството, што е смешно, а и жалосно. Нема да одговорам на таквите барања, еве јавно им кажувам ако сакаат им ги давам надлежностите во делот на градежништво, ама нема да прифатат да ги земат бидејќи треба да го чистат хаосот што тие сами го направија со плажите и со се’ друго. Од судството немам и не сакам никаква помош, туку сакам само правда. Кога почнувам акции, за да го стопирам хаосот во Струга кој со години е направен, Судот и Владата не се на страната на институциите, туку за оние кои го прекршиле законот. На пример сега им текна да бараат дали депонијата која е блиску до градот, изградена пред осум години, дали има дозвола и решение на Советот на општината? Се занимаваат со вакви ниски удари, со кои сакаат да ме спречат во намерите кои ги имам и се чисти и се во интерес на граѓаните кои живеат во РМ. Како механизам за одбрана единствено ја имам правдата и ништо друго.