1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секоја година наново: карневалот „врти“ милијарда евра

Дирк Кауфман/ Зоран Јордановски 16 февруари 2015

Во упориштата на карневалот долж Рајна сезоната на лудување го доживува врвот. Големата поворка на „розенмонтаг“ (денеска) е кулминација на „уличниот карневал“. Во овие денови се прави обрт од стотици милиони евра.

https://p.dw.com/p/1EbTv
Фотографија: Patrik Stollarz/AFP/Getty Images

Од четвртокот (12.02.2015) наваму дури ни оние кои не живеат во региoнот долж Рајна не можат да ги превидат карневалистите. Снимките на интернет или во телевизиските вести покажуваат дека таканаречените „јекен“, односно „карневалски споулавените“ и’ даваат белег на сликата на градовите: каубојци и Индијанци, принцези и пирати или сограѓани сосем лудо костимирани како подвижна туш-кабина или телефонска говорница.

Но, тоа сепак мора да чини пари! Оти, сосем е очигледно дека не се сите костими направени со сопствена рака. Во карневалските упоришта како Келн има продавници специјализирани за продавање или изнајмување карневалски костими. Обидот да се дознае колку пари трошат Германците за нивната карневалска облека, наидува на проблеми: во меѓувреме не се одбележува костимирано само карневалот, туку и од Америка увезената „ноќ на вештерките“. Поради тоа не можат да се дознаат поточни бројки. Барем не актуелните - за овие прекрасни денови тие ќе бидат познати најрaно по наредната среда, наречена „пепелница“.

Karneval 2015 Schull und Veedelszöch
Фотографија: Patrik Stollarz/AFP/Getty Images

Главно Свети Петар се покажува милослив

Најважен предуслов за успешен бизнис е времето: „Може да биде студено, може да врне снег - само, молам, да нема дожд“, вака Дитер Чорн ја формулира молитвата на „Секторска група карневал“ во Германското здружение на индустријата за играчки. Ова здружение, кое опфаќа околу две третини од тој сегмент на пазарот во Германија, регистрира дека најголемиот дел од муштериите спонтано купува костими. А, ако врне, тогаш „јекен“ остануваат дома -некостимирани.

Лани претпријатијата-членови на „Секторската група карневал“ продадоа костими во вредност од 271,5 милиони евра. Деведесет проценти од бизнисот се реализирани во деновите на карневалот, остатокот отпаѓа на „ноќта на вештерките“. Продадени се 2,5 милиони парчиња карневалска облека за возрасни, 1,1 милион детски костими, потоа 770 000 перики, два милиона шапки и 6,6 милиони прибори за шминкање.

Речиси половина милијарда само во Келн

Рајнскиот карневал е германска манифестација и во прв ред ја организираат клубови. Сојузниот германски карневал (СГК) е здружение кое опфаќа речиси 5 илјади карневалски клубови со приближно 2,6 милиони карневалисти. Податоците од СГК се за 2012 година и според нив само карневалот во Келн остварил промет од речиси 460 милиони евра. Хотелите и угостителските објекти во деновите на лудување оствариле промет од 165 милиони, а прометот со продавање и изнајмување карневалски костими изнесувал околу 85 милиони евра.

Но, за хотелиерите треба да се констатира дека во карневалските денови за нив отпаѓа еден важен извор на приходи: во тој период во Рајнскиот регион се одржуваат помалку саеми и конгреси, кои во преостанатиот дел од годината го носат најголемиот дел од остварените ноќевања. СГК проценува и дека од карневалот во буџетот на градот Келн и околните општини се слеваат дополнителни приходи од данок на дејност во износ од речиси пет милиони евра.

Deutschland Karneval Schull- un Veedelszöch in Köln
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Камеле“, најчесто свежи

Одделот за статистика на научната програма на Дојчландрадио пресмета дека прометот од карневалот во цела Германија е 1,4 милијарди евра. Но, тој промет се остварува континуирано во текот на целата година: „од карневалскиот бизнис во Германија живеат околу 3 000 претпријатија со 40 илјади вработени“.

Од лудувањето на карневалистите, освен шивачниците за костими и производителите на шминка, особено профитираат и производителите на слатки. Само во Келн, каде се одржува најголемата карневалска поворка, од колите, на луѓето што ја следат, ќе им бидат фрлени како „камеле“ 330 тони бонбони, 700 илјади чоколади и 220 илјади кутии со чоколадни бонбони. И, иако некоја бонбона можеби останала од минатата година (секогаш се исплати да се фрли поглед врз рокот на траење на „камеле“), сепак и тие морале да бидат произведени и дистрибуирани.

Deutschland Karneval Weiberfastnacht in Köln
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Се’ завршува дури на среда пепелница

Годинава ги има сите предуслови, барем метеоролошките, за добри деловни денови. Потопло, сончево и суво е во деновите на „уличниот карневал“ (завршницата на сезоната на карневалот, од минатиот четврток, па се’ до вторник на полноќ), кога се одржуваат многу помали поворки во поединечни делови од градовите, како и големата понеделничка (на „розенмонтаг“, н.з.). Неа само во Келн ја следат еден милион луѓе и најголемиот дел од нив се костимирани.

Многумина од публиката ќе се обидат да фатат „штрисхер“ (букети цвеќе) или „камеле“ (слатки работи), секако ќе испијат по повеќе од еден „келш“ (пиво карактеристично само за Келн), ќе платат за место на трибините или за користење на јавните тоалети, некои дури и за хотелска соба. Колку пари точно ќе се „свртат“ притоа? За да го дознаеме ова, треба да се стрпиме барем до среда „пепелница“!