1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се зголемува бројот на жртвите од експлозијата кај Приштина

ЕМФ/миа6 јуни 2014

Бројот на загинатите во силната експлозија во термоелектраната „Косово А“ во Обилиќ, близу Приштина, се зголемува. Полицијата потврди дека загинале четворица работници.

https://p.dw.com/p/1CDpx
Фотографија: Zulfija Jakupi

Весникот „Коха Диторе“ пишува дека полицијата потврдила дека има четири жртви и 13 повредени. Според весникот, полицијата соопштила дека се очекува уште една експлозија и оти се преземени сите мерки за евакуација.

Стручните тимови се на терен, полицијата го блокираше пристапот до термоцентралата, а во моментот се прават напори да се спречи можна втора експлозија. Косовскиот премиер Хашим Тачи за Радио телевизија Косово изјави дека експлодирала боца со гас и од местото на инцидентот повика да не се создава паника.

„Опасноста не е мината, но е изолирана опасната зона. Сите специјализирани тимови се подготвени. Евакуирани се сите работници, бидејќи опасноста уште не е мината. Јас сум со работниците, тука е и министерот Исмаили, сите сме тука за да помогнеме при спасувањето на луѓето“, рече Тачи, кој поради експлозијата ги откажа сите предизборни активности.

Од Универзитетскиот клинички центар во Приштина потврдија дека кај нив се доведени 13 повредени жртви на експлозијата, и дека тие се надвор од животна опасност, а нивните повреди главно се изгореници.

Едмонд Нуљеши, директор на услуи во Енергетската корпорација на Косово рече дека до несреќата дошло во единицата за електролиза, што предизвикало силна експлозија, која се почувствувала и во Приштина.