1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара европски Барак Обама

28 октомври 2009

За функцијата претседател на Советот на ЕУ, покрај Тони Блер, се споменуваат уште премиерите на Луксембург Жан-Клод Јункер и на Холандија Јан Петер Балкененде и поранешниот австриски канцелар Волфганг Шисел.

https://p.dw.com/p/KHJP
Жан Клод Јункер и Фредрик РајнфелдФотографија: AP

За имињата на кандидатите за двете нови функциии, предвидени со Лисабонскиот договор, претседател на Советот на Европската унија и министер за надворешни работи, според шведското претседателство со Унијата, можно е да се расправа на идниот самит на ЕУ.

Британската влада во понеделникот јасно застана зад кандидатурата на Тони Блер за најпосакуваната функција во Европската Унија.

„Лисабонскиот договор ни дава прилика и одговорност да играме значајна улога на светско ниво. За да успееме, ние имаме потреба од силен лидер“ - оцени шефот на британската дипломатија Дејвид Милибанд на маргините на министерскиот состанок во Луксембург. За Милибанд, Блер е добар избор. Тој е вистински Европеец, кој знае да создаде коалиции.

И Франција има задршки

Но, кандидатурата на поранешниот британски премиер не е поддржана од сите, далеку од тоа. Како што се приближува денот на изборот, така шансите на Блер се намалуваат. Некои европски пратеници минатата недела започнаа петиција против него.

Францускиот претседател Никола Саркози, изгледа не стои сега толку одлучно зад Блер. Тој го нарече „проблем“ за кандидатурата фактот што Велика Британија не е дел од еврозоната. Германија, според гласините во Стразбур и Брисел изгледа исто така не е многу расположена да го поддржи, додека земјите од Бенелукс и Австрија се отворено против него.

Jose Manuel Barroso zweite Amtszeit
Баросо не покажува цврстинаФотографија: AP

Јункер влегува во игра

Паралелно, премиерот на Луксембург и претседател на „Еврогрупата“ Жан Клод-Јункер во париски „Ле Монд“ изјави дека стои на располагање за функцијата претседател на ЕУ. Јункер, кој е доајен меѓу шефовите на држави и влади од земјите членки на ЕУ,смета дека Тони Блер ги нема карактеристиките потребни за функцијата претседател на Европскиот совет.

Според Јункер, Европа треба да биде водена на „смислен, битен и целокупен “ начин. И дека идниот претседател треба да знае да ги спојува тежнеењата на големите и малите земји и да биде „олеснувач“ во француско-германската двојка.

Веднаш, повеќемина европски дипломати назначија дека Франција има друг профил од тој на Јункер. „Јункер ја претставува вчерашна Европа. Тој се уште е за методот на заедницата, а Унијата веќе функционира според принципот на меѓувладини односи“, коментираше еден дипломат.

Борба за рамнотежа на силите

Францускиот шеф на дипломатијата, Бернар Кушнер во Луксембург итро забележа дека ривалството меѓу Блер и Јункер може да му послужи на некое трето лице.

Имено, зад изборот на идниот претседател на Европскиот совет, се крие и борбата за рамнотежа меѓу институциите, барем уште некое време.

Jahresrückblick 2007 Mai Großbritannien Tony Blair tritt zurück
Тони БлерФотографија: AP

Малите земји, кои го претставуваат мнозинството во ЕУ, не се многу расположени на челото на Советот на Европската унија, каде се носат најчесто одлуките едногласно на меѓувладино ниво, да се најде кандидат на големите земји. Нивните стравувања се дека со тоа Советот ќе ја засени Европската комисија, која функционира според методот на заедница. Односно се создаде вистински директориум на големите земји наспроти бледиот Баросо, кој веќе покажа не многу голема независност наспроти државите. Затоа не е случајно ако кандидатот на малите, и според некои аналитичари и од Германија, холандскиот премиер Јан Петер Балкененде, чија личност нема да фрли сенка врз никој, има реални шанси, исто како и поранешниот фински премиер Пааво Липпонен.

„Дали има некој со поголема харизма од Барак Обама? Мислам дека ако можеме да пронајдеме еден Барак Обама од Европа, тоа ќе биде прекрасно. Но ние сите сме различни личности и ние имаме своја харизма. И сигурен сум дека под амбалажата на сегашните и поранешните европски водачи ќе најдеме некој кој одговара,“ смета финскиот шеф на дипломатијата, Александер Стуб.

Ова прашање ќе се најде и на работната вечера меѓу претседателот Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел, која вечерва се очекува во Париз.

Автор: Тони Глaмчевски

Редактор: Жана Ацеска