1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ќе се консултира со #протестирам за преговорите

Б. Георгиевски18 април 2016

Политичките партии молчат по поканата од ЕУ за средба во Виена. Од СДСМ најавуваат дека ќе го консултираат и невладиниот сектор.

https://p.dw.com/p/1IXr3
Фотографија: Petr Stojanovski

Делегацијата на ЕУ испратила писма-покани од името на тројцата европратеници кои посредуваат во македонската политичка криза и заедно со комесарот Хан ги канат политичките лидери на разговори во Виена в петок на 22 април, потврдија предмалку од кабинетот на Хан за Дојче Веле.

На средбата се поканети лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА кои го потпишаа и Договорот од Пржино.
„Целта на состанокот ќе биде да се разговара за изнаоѓање решение за кризата и да се осигура дека лидерите ќе продолжат со имплементација на Договорот од Пржино и реформските приоритети“, вели портпаролката на комесарот Маја Коцијанчич. Комесарот Хан сака да се види со лидерите во најбрз рок, дополнува портпаролката. „Тие мора да покажа желба за да ја вратат земјата назад на евро-атлантскиот пат“, вели Коцијанчич.

Од македонските политички партии засега нема реакција по најавата од ЕУ. Во опозициската СДСМ започнуваат широки консултации во рамките на коалицијата, но и со невладините организации кои се дел од движењето #протестирам. Конечната одлука дали воопшто ќе се учествува на разговорите во Виена и со каква агенда ќе биде донесена деновиве по консултации со политичките партнери и со невладините организации.
На социјалните мрежи веќе се забележливи бројни реакции од оние кои деновиве протестираа против амнестијата на Иванов и бараа оставка од него, и од владата. Во првичните реакции, граѓанските организации бараат или да се бојкотираат преговорите во Виена, или на нив да бидат поканети и тие.