1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За лидер на СДСМ имаат право да гласаат 51.228 членови

ДТЗ
10 декември 2021

Во споредба со последните внатрепартиски избори во СДСМ во март, кога  беа регистрирани вкупно 68.999 членови, сега бројката на активни членови е намалена за околу 18 илјади.

https://p.dw.com/p/4468H
Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

В недела 51.228 членови на СДСМ, коишто ги исполнуваат условите и активно се регистрирани како членки, ќе имаат право да учествуваат во изборот на нов партиски лидер. Во споредба со последните внатрепартиски избори во СДСМ во март, кога  беа регистрирани вкупно 68.999 членови, сега бројката на активни членови коишто се регистрирале за гласање е намалена за околу 18 илјади.

На 21 март годинава се одржаа првите внатрепартиски непосредни избори за избор на претседател на СДСМ, кога сопартијците ја потврдија довербата за Зоран Заев. Девет месеци потоа социјалдемократите бираат нов лидер, откако Заев се повлече од кормилото на партијата по лошите изборни резултати на локалните избори во октомври годинава.

Централната изборна комисија, задолжена за спроведување на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, информираше дека имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, но и интересот на членовите на СДСМ, донела одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.

Гласањето ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации во земјата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попладне. Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја подигна внатрепартиската демократија на највисоко ниво, членовите избираат претседател на непосредни избори со тајно гласање, со што се поставува нов стандард на македонската политичка сцена“, велат од партијата.

-повеќе на темата: СДСМ ќе бира нов лидер, Зоран Заев останува активен во партијата

Во трка се лидер се тројца кандидати коишто за време на кампањата ветија зајакнување на единството во партијата, мотивирање на членството и коренити промени. Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски деновиве се обидоа да ги уверат своите сопартијци дека тие се вистинскиот избор за иднината на партијата. Кој ќе ја добие партиската доверба ќе се знае в недела. Како фаворит во трката влегува Ковачевски, кој ја има поддршката на досегашниот лидер Зоран Заев и на неговите најблиски соработници.