1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светлана Алексиевич ја доби Нобеловата награда за литература

Б. Георгиевски/дпа8 октомври 2015

Нобеловата награда за литература за 2015 година отиде во рацете на белоруската новинарка и писателка Светлана Алексиевич.

https://p.dw.com/p/1GkSB
Фотографија: Reuters

Белоруската писателка и истражувачки новинар Светлана Алексиевич е добитник на годинешната Нобелова награда за литература. Шведската академија ги наведе нејзините „полифонични дела, споменик за страдањата и храброста на нашето време“, како причина за доделувањето на наградата.

Алексиевич, 67 години, е 14-та жена која ја добива наградата и беше една од 198-те годинешни номинирани.

Алексиевич известува за некои од најважните настани кои имаа влијание врз Белорусија за време и по Студената војна, вклучително и нуклеарната катастрофа во Чернобил, Советско-Авганистанската војна и падот на Советскиот сојуз.

Белоруската писателка изјави дека е изненадена од веста за добивањето на наградата. „Прекрасно е да се добие оваа награда“, изјави таа за шведската телевизија.

Две од нејзините најпознати книги се „Гласовите од Чернобил“ (Voices From Chernobyl) во која се поместени сведочења на очевидци, и „Половно време“ (Second-Hand Time) во која се раскажува за советските генерации кои живеат во денешниот свет.

Алексиевич важеше за еден од фаворитите за наградата. Се споменуваа и Нгуги ва Тионго од Кенија, сирискиот поет Адонис, норвешкиот автор Џон Фосе и Харуки Мураками од Јапонија.

Минатогодишниот лауерат беше Патрик Модиано од Франција.

Утре ќе биде прогласен добитникот на Нобеловата награда за мир, а в понеделник ќе биде доделена и наградата за економија.