1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СБ задоволен од имплементацијата на стандардите на Косово

14 декември 2006

На синоќешната седница СБ заклучи дека конечното решение за статусот ќе мора да биде прифатливо за мнозинството и да е во согласност со принципите на Контакт групата. Шефот на УНМИК на Косово, Јоаким Рикер предупреди од понатамошно одлагање на одлуката за конечниот статус. За косовскиот премиер Чеку независност е едниственото решение.

https://p.dw.com/p/Adgx
Приштина
ПриштинаФотографија: DW

СБ на ОН на редовната седница во Њујорк го разгледуваше извештајот за Косово на генералниот секретар во заминување Кофи Анан. Земјите членки на Советот се задоволни од степенот на имплементација на стандардите во покраината. Тие ги повикаа инсититуциите во Косово да продолжат со успешниот процес, а косовските Срби да се вклучат во работата на институциите. Претставниците на Велика Британија ја обвинија Србија дека со тоа што ги спречува Србите да учествуваат во работата на косовските институции “не ги брани Србите, туку својот тврдокорен став”.

За Финска статусот на Косово е предизвик за целата меѓународна заедница, но предупреди дека тој нема да ги реши економските и општетствените проблеми на Косово. Финска предупреди и дека статусот на Косово нема да послужи како преседан за останатите региони. САД ги повика двете страни до конечното решение да се воздржат од насилства. Ставот на Русија е дека конечниот статус на Косово мора да биде компомисно решение. Кина предупреди дека косовското прашање е “чуствително и компликувано и дека од него зависи стабилноста на целиот регион и Балканот”.

И во извештајот на Анан кој беше разгледуван на седницата, генералниот секретар предупреди дека одлагањето на статусот на Косово би можело да предизвика дополнителна нестабилност и оцени дека ставовите на Белград и Приштина и по низата преговори се многу спротивставени. Со ваквата оценка се согласи и шефот на УНМИК, Јоаким Рикер:

“Со одлагање на решението на статусот, голема политичка и економска цена ќе плати Косово, регионот и меѓународната заедница. Одлагањето е повеќе од губење на време, кое им оди во корист само на екстремистите на двете страни и нема да го олесни донесувањето на одлуката, туку ќе и наштети”, рече Рикер.

Косовскиот премиер Агим Чеку во отвореното писмо кое го испратил до СБ пишува дека “независноста на Косово е единственото решение за идниот статус”. Во него се наведува и дека ОН со признавање на “јасна и конечна независност на Косово ќе го ослободат целиот регион од конфузија и несигурност и ќе им дозволат на сите да тргнат кон долгорочна стабилност и економски просперитет”.

Според српските претставници, седницата поминала во конструктивна атмосфера, но на неа јасно се издвоиле земјите кои ја поддржуваат политиката на Србија за Косово и оние кои им даваат поддршка на косовската страна.