1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија и „простувањето“ од нафтата

Керстен Книп/Ж.А.30 април 2016

Нафтата не е само благослов, туку и проклетство. Поради силната нафтена индустрија, другите индустриски гранки во Саудиска Арабија остнаа неразвиени. Земјата сака да ја надмине зависноста од нафтата.

https://p.dw.com/p/1IcqG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хаџ, аџилакот кој го вршат муслиманите од цел свет, не е поврзан само со религијата, туку претставува крупен бизнис. Патнички агенции, авионски компании, хотели, ресторани, но и телекомуникациски компании заработуваат милиони долари од верниците кои секоја година итаат кон Мека. Хотелска соба во близина на централното светилиште на муслиманите, Каба, кое се наоѓа во Мека, во 2012 година чинела 700 долари - за една ноќ.

Уште поскапи се луксузните хотели за оние кои и во текот на аџилакот не сакаат да се откажат од комфорот на кој се навиканти. Дури и најобичните сувенири купени во Мека се скапи. Простирките за молитва исто така, иако се од кинеско производство.

Бизнисот со верниците за Саудиска Арабија е прилично исплатлив. Приходите остварени во текот на 2012 година во текот на аџилакот ги наполниле државните каси со десет милијарди долари.

Оваа земја би можела да обезбеди сместување за многу поголем број гости. Тоа во понеделникот (25.04.2016) го навести принцот Мохамад бин Салман, презентирајќи ги во јавноста деталите на планот под име „Визија 2030“. Овој проект предвидува активности за развој на земјата по моментот кога резервите на нафта ќе бидат при крај, а светот ќе се сврти кон други извори на енергија. Со тоа и Саудиска Арабија мора да најде други извори на приходи. На пример, преку развој на туризмот, кој е само дел од планираната реформска програма на владата во Ријад.

Saudi-Arabien desiginierter Verteidigungsminister Prinz Mohammad bin Salman bin Abdulaziz al-Saud
Саудискиот принц Мохамад бин СалманФотографија: picture-alliance/Saudi Press Agency

Зависност од нафтата

„Ние во Саудиска Арабија станавме зависни од нафтата“, изјави принцот Мохамед бин Салман: „Тоа е опасно и минатите години го спречи развојот на бројни сегменти на општеството. На тоа треба да се стави крај“, истакна Бин Салман, најавувајќи: „Визијата 2030 е патоказ на нашиот развој и на нашите економски цели.“

А колку е за Саудиска Арабија важно да ја прекине зависноста од нафтата, се покажа во текот на минатите месеци, откако во летото 2014 година цената на барел нафта од околу сто долари падна на само 35 долари. За земја која 80 проценти од своите приходи остварува со продажба на нафта, тоа претставува драматичен развој на настаните. Уште во 2014 година државниот буџет беше во дефицит.

Магазинот Форбес пишува: „Иако Саудиска Арабија повеќе години по ред може да го компензира минусот во државната каса, било со посегнување по обилните државни финансиски резерви, исто како и со земање кредити, веројатно во случај на ниски цени на нафтата веќе следната година ќе мора да почне со намалување на државните трошоци.“

„Визија 2030“

Долгорочно гледано, владата мораше да направи нова стратегија. „Оваа земја, со оглед на глобалните промени на енергетскиот пазар и со оглед на демографскиот развој, не може да се потпре на креирање економски развој преку продажба на нафта и финансирање на јавната потрошувачка“, пишува ревизорската и консултантска фирма МекКинси во една студија.

Доколку на Саудиска Арабија и‘ успее да се реформира, тогаш и нејзиното стопанство би можело да оствари пораст и тоа забележлив. Брутодомашниот производ во најповолен случај би можел од сегашните 800 милијарди да порасне на 1600 милијарди американски долари.

Saudi Arabien King Saud University in Riad
Кралскиот универзитет во РијадФотографија: picture alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Рамките за тоа се поставени со претставувањето на планот „Визија 2030“. Саудиска Арабија веќе од 2020 година би можела да стане независна од нафтата, соопшти принцот Бин Салман. За да се постигне тоа, протребно е на инвеститорите да им се продаде мал дел, само пет проценти сопственост над државната нафтена компанија Сауди Арамко. Оваа компанија има вредност од два до дваипол билиони американски долари, тврди принцот. „Дури ако продадеме и само еден процент од акциите, тоа би била најголема емисија на акции во светот“, вели Бин Салман.

Најголем инвестициски фонд во светот

Истовремено, Саудиска Арабија планира воспоставување инвестициски фонд со два билиона долари. Тој на таков начин би располагал со сума сразмерна на вредноста од десет проценти од вкупните светски инвестиции.

Паралелно со тоа, земјата мора да ја реформира структурата на својата економија, пишува во една студија на ММФ. „Саудиска Арабија од 2008 година отвори преку 2,7 милиони нови работни места. Еден милион работни места добија граѓаните на државата, но поголемиот број од нив беа во јавниот сектор“, пишува ММФ. Гледано на долги патеки, мора да дојде до јакнење на приватниот сектор. Затоа, ММФ предлага реформи, првенствено во сектоорт на образованието, пазарот на работна сила, инфраструктурата, но и пружање поддршка на малите и средно големи претпријатија.

Saudi Arabien Frauen Gespräch
Жените во нерамноправна положбаФотографија: Getty Images/J. Pix

Се‘ зависи од подготвеноста на реформи

Проценките за способноста на Саудиска Арабија на спроведување реформи се различни. Оваа земја се наоѓа пред големи проблеми, пишува магазинот „Економист“. „Еден од проблемите е слабата подготвеност на јавната управа и јавните служби да ги реализираат наведените амбиции. Друг проблем е моќта која во свои раце го има разгранетото кралско семејство, како и ултрадоксниот слој религиски лидери. Тие се спремни да го блокираат она што е неопходно да се спроведе заради привлекување инвеститори: станува збор за реформа на приватниот сектор, зголемување на транспарентноста и јакнење на правната држава, како и подобрување на положбата на жената.“

ММФ е малку пооптимистичен. Саудиска Арабија досега релативно добро ги спроведе зацртаните реформи, тврдат во меѓународната институција. Доколку слично се пристапи и кон новите реформи, „Визијата 2030“ може да стане реалност.