1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарацин: Потребен е развој на политичката култура меѓу власта и опозицијата!

Силвера Падори-Кленке28 април 2014

Во исчекување на оценките од меѓународните набљудувачи, Мануел Сарацин (Сојуз90/Зелени) вели дека од презентираните гласови победата на Груевски е неспорна, но власта и опозицијата мора да ја научат политичката култура!

https://p.dw.com/p/1BpX4
Фотографија: Manuel Sarrazin

„Со оглед што се' уште нема официјален извештај од меѓународните набљудувачи, презентираните резултати од изборите во Македонија се такви какви што се, но за забелешките на опозицијата мора да се сочекаат видувањата на луѓето кои го следеа процесот на гласање. Од оние резултати што до сега се објавени, мора јасно да се каже дека победата на Груевски е неспорна. Резултатите се негов јасен успех и тоа мора да се признае“, коментира во својата реакција за ДВ Мануел Сарацин (на фотографијата), пратеник од редовите на Сојузот 90-Зелени во Бундестагот.

Според него, решавачко е Македонија да продолжи во насока на доближување до Европската унија. Доколку се потврдат забелешките кои ги дава опозицијата, тогаш, како што вели Сарацин, „сигурно дека тоа нема да е добар сигнал за патот на доближување на Македонија до Европската унија, зашто на ЕУ и Европската Комисија им беше многу важно во земјата да постои култура на функционална партиска расправа меѓу владата и опозицијата“.

„Прво мора да се проверат обвинувањата на опозицијата и да се почека што ќе кажат набљудувачите. Меѓународните реакции во случајот се исто важни. Но, севкупно мора да секаже дека политички проблематичната состојба во земјата не може да се разреши со интервенирања од надвор. Значи мора во Македонија и понатаму или повторно да се развива политичка култура на дискусија, која е нешто нормално и преку која власта и опозицијата ќе можат да се расправаат, но во име на најдоброто за земјата – ќе мора и да соработуваат. Со едно вакво гледање на работите ќе се смени политичката култура во земјата. Она што ме загрижува е дека политичка култура во последниве години е влошена.Таа (политичката култура н.з.) е исклучително значајна за доближувањето на Македонија кон ЕУ. Со други зборови кажано, кој сака да се придвижи кон ЕУ треба да ја поседува културата на демократска борба на мислење и функционална демократија. Како ова би се реализирало во Македонија, како германски пратеник не можам да кажам. Тоа мора да си го осмисли македонската политика“, коментира за ДВ Мануел Сарацин, пратеник во Бундестагот од Сојузот90-Зелени.