1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв чекор, но уште не и излез од кризата во Македонија

Зоран Јордановски15 јули 2015

И владата и опозицијата „го продаваат“ како свој успех постигнатиот договор, но фактички задоволна засега може да биде само меѓународната заедница. Патот е трасиран - ќе го изоди ли Македонија до крајот?!

https://p.dw.com/p/1Fypm
Фотографија: MIA

Меѓународната заедница може да здивне: нејзиното посредување - што е еуфемизам, оти всушност станува збор за притисок - даде резултат. Може ли Македонија да здивне? - Тука треба да се биде многу порезервиран. Ако ништо друго, тогаш и само врз основа на досегашните искуства. Мартовскиот договор од 2013 за расчистување на настаните од 24 декември 2012 - насилното отстранување на опозицијата и новинарите од парламентот - исто така беше постигнат под притисок на меѓународната заедница (тогаш претставена во ликот на Штефан Филе), но заврши речиси токму онака, како што го означи премиерот Груевски - како тоалетна хартија. Договорот од 2 јуни годинава, кој е основа за ноќеска постигнатата спогодба, да потсетиме, требаше да биде детализиран до 10. јуни. Неговите потписници, откако го пробија тој рок, на 19 јуни уште еднаш ја потврдија определбата за негова реализација. Во меѓувреме поминаа уште 25 денови; ќе поминеа и многу повеќе, се’ ќе се сведеше на „веќе видено“. И овој пат се покажа: во Македонија не е можна никаква согласност на политичките актери без вистински и енергичен ангажман на меѓународната заедница и овој договор ќе биде одржан само ако таа континуирано продолжи да го следи и неговото спроведување.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Тоа, патем, најјасно зборува за нивото на политичка култура на носителите на највисоки функции во политиката на земјата. Ако некому му требаат уште докази, тогаш и ова: кога на виделина ќе излезат толку сериозни сомничења за најтешки форми на злоупотреба на власта, како од објавените снимки во Македонија, во демократии со развиена политичка култура осомничените се повлекуваат, за да овозможат објективна истрага која ќе ја утврди нивната вина или невиност. Полска неодамна даде добар пример и лекција во тој поглед со оставката на претседателот на парламентот и неколкумина засегнати министри за слични, но помалку тешки сомничења отколку во случајот со Македонија.

Понатаму, стана правило во политичкиот живот во Македонија, секое незадоволство опозицијата да го искажува преку бојкот на парламентот. Колку и да е - или да не е - оправдано тоа незадоволство, обврска на избраните претставници е во парламентот да се борат за интересите на оние што ги избрале. Некои форми на отпор против власта, кои ги практикуваше во изминатиов период опозицијата, не се несврзливи и со нејзино паралелно парламентарно дејствување.

Скепсата останува

Како и да е, Македонија има шанса да се врати на вистинскиот пат во евроатлантските интеграции и да не ја загуби препораката за почнување преговори. Но, многу поважно за земјата е какви ќе бидат внатрешнополитичките консеквенции од кризава, ќе биде ли нешто научено од неа, ќе уследи ли некаква промена на менталитетот и политичката култура. И, тука, сметам, има место за голема скепса. Договорот, според она што беше во изминативе часови изнесено во јавноста, не ветува вистински промени, туку многу повеќе целосна блокада на владиното дејствување. Министрите од редовите на СДСМ не ќе можат да издејствуваат некакви побитни промени, кога ќе имаат заменици со право на вето од противничкиот табор; истото важи и обратно. Ако е веќе така, тогаш тоа е предност за актуелната власт, оти таа има свој систем инсталиран до последните пори на политиката и општеството. Од тој агол погледнато нејасно е на што се базира задоволството на опозицијата од постигнатиот договор?

Единствен зрак на надеж за прочистување на општеството гледам во востановувањето специјален обвинител со целосна автономија за истражување на сомничењата што произлегуваат од објавените снимки. Тој би морал да даде одговори кои не само што желно ги очекува македонската јавност, туку врз основа на нив би требало да се расчисти за кого всушност ќе нема веќе место на политичката сцена, а ќе се отвори во јавните казнено-поправни установи. Само, доколку и неговата дејност не биде систематски поткопувана?!