1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот во сенка на бегалската трагедија

Б.Ригерт/З.Јордановски27 август 2015

Конференцијата за Западен Балкан под белегот на недоволен напредок и мачна атмосфера поради мртвите бегалци. Прашањето за бегалцитебеше доминантна тема на собирот.

https://p.dw.com/p/1GN7E
Фотографија: DW/E. Numanovic

Втората конференција за Западен Балкан требаше да извлече позитивен биланс на иницијативите од пред една година, од првиот самит во Берлин, за економско заживување на регионот и за поддршка на реформите. Но, веста за трагичната смрт на десетици мигранти во еден камион-шлепер на еден австриски автопат ги наруши плановите на домаќинот на самитот.

„Сите сме потресени од ужасниот настан“, рече Ангела Меркел. Германскиот канцелар и нејзиниот австриски колега по функција Вернер Фајман побараа поголема солидарност во рамките на ЕУ во прашањето за бегалците. Сега само пет држави примаат околу 90 проценти од сите баратели на азил.

Балканските држави: ЕУ ги извезува своите проблеми со миграцијата

Претставниците на ЕУ им ветија поголема финансиска помош на земјите кои се наоѓаат на „балканската“ рута на бегалците. Српскиот министер за финансии Душан Вујовиќ рече за ДВ дека бара целосен надомест на трошоците, а не само неколку милиони евра,кои ги вети ЕУ досега за згрижување на бегалците. Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски критикуваше дека ЕУ го извезува бегалскиот проблем во балканските држави кои уште не се нејзини членки. Грција е дел од ЕУ и всушност би требало да се грижи за бегалците, наместо понатаму да ги израчува. Според договорот од Даблин од пред 25 години, земјата во која прво ќе влезат бегалците, е надлежна за нивно згрижување и за обработка на барањето за азил.

Сите учесници на самитот беа согласни дека сите земји од регионот се „сигурни земји“ во смисла на правото на азил. „Од овие држави, кои сите се стремат кон членство во ЕУ, може да се очекува дека ќе се придржуаат кон стандардите за човекови права и дека ќе нема политички прогон“, рече Меркел.

Balkankonferenz in Wien
Фотографија: DW/E. Numanovic

Како пубертетлии

И покрај новата „динамика на кооперација“, која Меркел смета дека се развива на Западен Балкан, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја критикуваше целата манифестација: „Овде имаме добра атмосфера и заедништво, но до кога? До следниот проблем, кога повторно ќе се занимаваме со минатото и меѓусебно ќе се обвинуваме. Моја желба е ваквата атмсфера да стане секојдневна практика, а не меѓу конференциите владите да се однесуваат пубертетски и уште повеќе да се закопуваме во минатото. За занимавање со иднината е потребна многу поголема храброст, отколку занимавањето со минатото“.

Од ЕУ слушаме поуки во однос на постапката за азил и на бегалците, а самата ЕУ очигледно нема коцепт за тоа, рече Дачиќ.

Учесниците на самитот беа согласни дека на регионот му се потребни економски импулси пред пристапувањето кон ЕУ. Германскиот министер за надворешни работи ги повика државите да создадат повеќе услови за младите луѓе, за да останат во своите земји, наместо да се отселуваат.

На конференцијата е усвоена декларација за намерите, но таа донесе малку конкретни резултати.