1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Саиф ал-Ислам веројатно нема да биде погубен“

Наоми Конрад/Ж.А.28 јули 2015

Во Либија е осуден на смрт Саиф ал-Ислам, син на поранешниот диктатор Моарем Гадафи. Наср ал-Хавари, активист на организација за човекови права од Египет, во интервју за ДВ изразува сомнеж пресудата да биде извршена.

https://p.dw.com/p/1G6Rt
Фотографија: Reuters/Stringer

Во Либија и натаму, и покрај сите напори на ОН за постигнување мировен план, двете влади се борат за превласт: меѓународно признатата влада со седиште во Тобрук и самонаречената, доминирана од исламистите, со седиште во престолнината Триполи. На ваков начин настанатиот вакуум на власта го искористија различни вооружени милиции и милитантни групи, вклучувајќи ја и Исламска држава, за во многу делови од земјата да ја преземат контролата. Во Либија наводно има и кампови за обука на џихадисти.

Дојче веле: Саиф ал-Ислам, еден од синовите на поранешниот либиски властродржец Моамер ал-Гадафи денеска претпладне беше осуден на смрт од страна на суд во Триполи. Како ја оценувате пресудата?

Наср ал-Хавари: Не верувам пресудата некогаш да биде спроведена. Саиф ал-Ислам го држи во затвор една од најважните милиции во Синтан. Таа е противник на владата во Триполи. Не верувам дека ќе дојде до извршување на смртната казна, зашто владата нема никакво влијание во оваа област. Милицијата едноставно нема да го израчи во Триполи. Ако некаде го израчува, поверојатно е тоа да биде во Ден Хаг, на Меѓународниот кривичен суд. Но, не треба да се заборави ни фактот што пресудата уште не е правосилна, обвинетиот може да ја обжали.

Организациите за човекови права известуваат за многу случаи во кои се врши закана кон адвокатите и судиите. Со оглед на ова, може ли се‘уште да се зборува за фактички функционирачки правен систем во земјата?

Не. Правниот систем веќе воопшто не функционира. Во затворите е широко присутно мачењето. Многумина луѓе не добиваат никаква правна заштита, а во бројни случаи на затворениците не им се обезбедува ни соодветна здравствена заштита. Поранешниот шеф на тајната служба Абдула Сенуси, на пример, се‘уште нема никаков адвокат. Натамошен проблем е што многумина адвокати не се осмелуваат да го преземат неговиот случај, стравуваат од тоа самите да се најдат на удар.

Саиф ал-Ислам ал-Гадафи минатата година беше израчен во Либија од Нигерија, каде побегна по соборувањето на неговиот татко во 2011 година. За време на неговиот егзил тој поттикнуваше безредија во јужна Либија, гласи обвинението. Какво влијание има воопшто семејството на долгогодишниот властодржец денес во Либија?

Саиф ал-Ислам е далеку од власта и влијанието кое неговиот татко и неговото семејство го имаа некогаш во Либија. Точно е дека некои племиња го поддржуваат. Истовремено, многу други ја ускратија поддршката поради тоа што членови на семејствата припаѓаат на една од двете влади. Значи, овде не станува толку збор за политички мотиви, колку за племенски интереси. На ваков начин Гадафи загуби многумина приврзеници.

Во поблиско минато меѓутоа се‘ повеќе луѓе зборуваат за поддршка на семејството Гадафи и на поранешниот шеф на тајната служба, Сенуси. Тие веруваат дека ако кланот на Гадафи дојде повторно на чело на државата, ќе биде во состојба да се бори против Исламска држава и против екстремистите.

Терористичката милиција ИД во меѓувреме фати корен во Либија. Либиската армија под водство на генерал Калифа Хафтар се бори против џихадистите. Хафтар беше назначен од меѓународно признатата влада во Тобрук. Какво влијание има таа врз овие борби?

Либиската армија се спротиставува на ИД во Бенгази и градови во источниот дел од земјата. Но,Триполи и западниот дел го контролира ИД. Генерал Хафтар делува самостојно. Тој нема никакви врски со било која вооружена група во Либија. Тоа е причината поради која од него стравуваат и двете секуларни групи, како и исламистите: тој не зазема ничија страна, целосно е независен. Многумина стравуваат дека тој ќе постапи слично како и Абдел Фатах ал-Сиси во Египет.

Генерал ал-Сиси во 2013 година го собори египетскиот претседател Мохамед Мурси од Муслиманското братство. Последица беа масовни немири во Египет. Верувате ли дека во Либија може да дојде до сличен државен удар?

Според се‘ што Хафтар досега има изјавено, не верувам во воен пуч во Либија. Но, сепак не може никогаш да се исклучи таква можност.

Наср ал-Хавари е еден од основачите и директори на организацијата за човекови права Опсерваторија за човекови права со седиште во Александрија.