САД се повлекуваат од УНЕСКО
12 октомври 2017Американски претставници како главна причина за повлекувањето ја наведуваат „анти-израелската“ политика на организацијата чија примарна задача е грижата за светското културно наследство. САД го стопираа финансирањето на УНЕСКО откако во членство беше примена Палестина во 2011 година, но Стејт Департментот сепак ја задржа својата канцеларија во седиштето во Париз.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп подолго време се подготвуваше за напуштање на организацијата, а одлуката се очекуваше пред крајот на годинава. И годишниот буџет кој го предложи администрацијата на Трамп не содржеше средства за финансирање на УНЕСКО.
Портпаролка на Стејт Департментот најави дека САД планираат да ја задржат набљудувачката улога во УНЕСКО со цел да придонесуваат во заштитата на културното наследство, заложбите за слобода на медиумите и научната соработка.
Одлуката за повлекување ќе стапи во сила на 31 декември 2018 година во согласност со правилата на УНЕСКО.