1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се обидуваат да ја изолираат Русија

ЕМФ/ртр/ард4 март 2014

Американското министерство за одбрана ги замрзна контактите со руската армија поради кризата на Крим. Русија во ОН ги бранеше своите воени акции со образложение дека Јанукович барал помош.

https://p.dw.com/p/1BIzS
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Стопирани се сите ангажмани со руската армија, соопшти портпаролот на Пентагон Џон Кирби во Вашингтон. Откажани се заедничките вежби, билатералните средби, посетите во пристаништата и конференциите. Пентагон, како што се вели, заедно со своите партнери ја набљудува ситуацијата во Украина многу детално и е во постојан контакт со сојузниците во НАТО. Вашингтон ја повика Москва да ја деескалира ситуацијата и да ги повлече своите трупи на Крим во нивните бази. Портпарол на Белата куќа соопшти дека се стопирани и разговорите кои требаше да придонесат за потесни американско-руски трговски односи.

Вчера (3.03) американскиот претседател Барак Обама повеќе од два часа разговарал со своите министри и безбедносни експерти околу начините на кои може да се изолира Русија, изјави портпарол на Белата куќа.

„Јанукович молеше за помош“

Независно од растечкиот меѓународен притисок, Русија се држи цврсто до своите воени акции на Крим. На третата седница на Советот за безбедност на ОН во рок од четири дена, рускиот амбасадир во ОН Виталиј Чуркин ја оправда стратегијата на својата земја со писмо на соборениот украински претседател Јанукович, во кое тој ја моли Русија за помош. Чуркин нагласи дека Јанукович побарал воена помош од претседателот Путин за да се обезбеди „легитимност, мир, ред и поредок, стабилност, како и заштита на украинскиот народ“. Украинскиот амбасадор на Советот за безбедност му покажа копија на писмо, кое според него, е писмо на Јанукович.

UN-Sicherheitsrat zur Lage in der Ukraine
Виталиј ЧуркинФотографија: Reuters

Американската амбасадорка во ОН Саманта Пауерс на тоа одговори саркастично: „Може да се помисли дека Москва станала продолжена рака на силите за брза интервенција на Комесарот за човекови права на ОН“.

Русија во текот на изминатите денови ја презеде контролата над украинскиот полуостров. Новата влада во Киев зборува за инвазија. Според украински информации, на Крим во меѓувреме веќе има 16.000 руски војници. Обама руските потези ги нарече прекршување на меѓународните правила и се закани со санкции. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери денеска во Киев треба да се заложи за разбирање меѓу Русија Украина. Тој на Украина, која е соочена со банкрот, ќе ѝ понуди финансиска помош.

Како реакција на придвижувањето на руските трупи, ЕУ вчера повторно го заостри тонот и на владата во Москва ѝ се закани со санкции. „Русија го повреди украинскиот суверенитет и територијален интегритет“, изјави првиот ЕУ-дипломат Кетрин Ештон по средбата на министрите за надворешни работи на Унијата во Брисел. Во завршните заклучоци од средбата се вели дека доколку Русија не се погрижи за деескалација, ќе бидат запрени разговорите со Москва за визна либерализација и други договори.

За кризата на Крим денеска, на барање на украинскиот сосед - Полска, ќе расправа и Советот на НАТО. Средбата е свикана врз основа на членот 4 од НАТО-договорот, според кој држава членка на Алијансата може да побара одржување средба доколку се загрозени нејзиниот територијален интегритет, политичка независност или безбедност.