1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се во „војна“ против Исламската држава

СН/ам/афп/миа/дпа13 септември 2014

Белата куќа воениот ангажман против терористичката група „Исламска држава“ официјално го означи како „војна“. Слично се изјасни и американското министерство за одбрана.

https://p.dw.com/p/1DBhP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Белата куќа синоќа соопшти дека САД се во војна против џихадистите од „Исламска држава“ (ИД). Државниот секретар на САД Џон Кери, кој е на турнеја низ Блискиот Исток за формирање на широка коалиција против ИД, вчера не го употреби терминот „војна“ за квалификување на проширувањето на американската воена операција против ИД во Ирак и Сирија, туку оцени дека тоа е „антитерористичка операција“ која ќе трае определено време, додека не бидат исполнети нејзините цели. Пентагон и Белата куќа, меѓутоа, ги отстранија сите сомненија како го сфаќаат конфликтот.

„САД се во војна со ИД, и исто така продолжуваме да сме во војна со Ал Каеда и нејзините сојузници ширум светот“, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест. Од минатиот месец досега американските борбени и беспилотни авиони нанеле 160 удари врз ИД во Ирак. Инаку за „војна“ против ИД говореше и министерството за одбрана на САД. Претходно, пак, министерот за надворешни работи Џон Кери во телевизиско интервју децидно одбегнуваше да говори за војна против терористичките милиции. И претседателот Барак Обама во неговото обраќање до нацијата во ноќта во среда навечер ниту еднаш не го спомена зборот војна.