САД сакаат мирен и стабилен Балкан
14 октомври 2010Самото доаѓање на американската државна секретарка во БиХ, Србија и Косово претставува поттик за тие земји да ги решат меѓусебните проблеми, оценува за Дојче Веле политичкиот аналитичар Бехљуљ Бечај. „Истовремено, тоа е поттик и за секоја земја посебно да ги реши своите внатрешни проблеми, за преку нив да се помогне воспоставувањето на добри меѓународни односи како во регионот, така и во ЕУ“, вели Бечај.
Дијалог меѓу Белград и Приштина што побрзо
На официјална Приштина, Клинтон и ја пренесе пораката дека дијалогот со Белград треба да започне што побргу, бидејќи во спротивно би дошло до доцнење во процесот на интеграции и во воспоставувањето на коректни односи со Србија, вели Бечај. „Мислам дека државната секретарка со причина ги поттикна косовското и српското раководство да не се чека со дијалогот, бидејќи постојат многу конкретни, реални проблеми кои нема причина да чекаат и дијалогот не мора да започне од највисоко ниво. Тој може да почне и од најниско ниво, на ниво на експерти кои би можеле да придонесат за решавање на конкретните проблеми кои се присутни на Косово“.
Политичкиот аналитичар Африм Хоти смета дека посетата на Клинтон уште еднаш ја покажала желбата на САД во регионот на Балканот да завладеат мир и стабилност. Хоти оценува дека една од пораките кон Косово била и да се забрза создавањето на правна држава како предуслов за европските интеграции. „Пораката на Америка беше Косово и Србија да ги остават зад себе недоразбирањата и да почнат да разговараат за практичните аспекти од животот на граѓаните, бидејќи, во крајна линија, Европа е нивната заедничка адреса“, изјави Хоти.
Автор: Зулфија Јакупи/ Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска