1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД лути поради ослободувањето затвореници

БГ/макфакс10 јануари 2014

Одлуката на властите во Авганистан да ослободат група затвореници кои Вашингтон ги смета за опасни, доведе до нови тензии во односите меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/1AoOi
Фотографија: Massoud Hossaini/AFP/Getty Images

Авганистан има докази да изведе пред суд само 16 од 88 затвореници коишто САД ги сметаат за закана по безбедноста и планира да ги ослободи преостанатите затвореници, соопшти вчера (9.01) портпаролот на авганистанскиот претседател.

Се претпоставува дека оваа одлука дополнително ќе ги затегне односите меѓу Авганистан и САД, кои се веќе близу прекин поради одбивањето на претседателот Хамид Карзаи да го потпише договорот за безбедност кој би требало да го утврди военото присуство на САД откако до крајот на 2014 година повеќето од странските војници ќе ја напуштат земјата. Без договор, Вашингтон би можел мнозинството од своите војници да ги повлече по 2014 година, а се закани и со целосно повлекување.

САД сега жестоко се спротивставуваат на ослободувањето на затворениците, бидејќи се тврди дека тие биле вмешани во ранување и убиства на американските или војници на меѓународната коалиција. Авганистанската влада, меѓутоа, тврди дека не постојат докази против 45-мина од 88 затвореници, а оти доказите против други 27 не се доволни за да бидат изведени пред суд.

„Не можеме да дозволиме невини авганистански државјани да бидат држени во затвор со месеци и години без никаква причина“. Знаеме, за жал, дека тоа се случувало во Баграм, но тоа е нелегално и претставува кршење на авганистанскиот суверенитетот и тоа веќе не можеме да го дозволиме“, изјави портпаролот на авганистанскиот претседател Аимал Фаизи.

Претседателот Карзаи одлуката ја донесол откако челникот на авганистанската разузнавачка агенција го изнесол случајот на затворениците во четвртокот претпладне.

Американските сенатори коишто минатата седмица го посетија Авганистан изјавија дека пуштањето на слобода на тие затвореници непоправливо би им нанесло штета на врските со САД, но сега не најавија и целосно воено повлекување.