1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД - идеално место за криење пари

Михаел Книге/сн12 април 2016

Даночните оази се обично егзотични места: британските Девствени острови, Сејшели и - американската сојузна држава Невада. Тоа не треба да чуди бидејќи САД се идеално место за криење пари.

https://p.dw.com/p/1ISTg
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Кога станува збор за криење на вистинска имотна состојба, тогаш сите прво помислуваат на Швајцарија, Луксембург, Кајманските острови. Меѓутоа, американската сојузна држава Невада е на истиот список. Таа спаѓа во најомилените светски дестинации за „бункирање“ пари.

Азил за таен имот

„Невада свесно се нуди во странство како место за криење на потекло на имотот“, вели Џејсон Шерманом, професор на универзитетот Грифит во Австрија. Тој научно се занимава со темата затајување данок ширум светот. Професор Шерманом е изненаден оти Невада не е позната во јавноста како даночна оаза. Пустинската држава со коцкарскиот рај Лас Вегас на луѓето кои сакаат да го сокријат текот на своите пари им нуди максимална флексибилност и анонимност со ограничена гаранција.

„Невада е исклучително омилено место за фондовите со кои управуваат бордовите на доверители“, вели американскиот стручњак за даночно право, Питер Котерчеану, кој за адвокатската канцеларија „Анафорд“ од Цирих ги советува богатите клиенти. „Под закрила на Америка како најголема економска сила во светот, Невада изгледа како посериозно место од озлогласените тропски острови, а има и поостри прописи за тајност на потеклото на парите и имотот“, констатира Шерман.

САД не сакаат договор

Невада, притоа, е единствена бидејќи јавно истакнува дека не сака да соработува со сојузните власти. Но дури и да е така, Вашингтон на меѓународен план сака да ги сузбие даночните оази, но дома применува сосема поинакви мерки. Еден законски акт (Foreign Account Tax Compliance Act, FATCA) ги принуди сите странски банки и фондови на американските сојузни власти да им ги стават на располагање имињата и адресите на сопствениците на сметки. Но, Вашингтон досега одбива да воведе исти правила за странците кои имаат сметки во САД.

Las Vegas Panorama
Лас Вегас - максимална флексибилност и анонимност со ограничена гаранцијаФотографија: Fotolia/rabbit75_fot

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) пред 2 години предложи како да се зголеми транспарентноста во односот помеѓу даночните власти и странските сопственици на сметки. На мултилатерален договор, кој потоа е разработен, пристапија речиси сите даночни оази, но САД тоа го одбиваат. „Официјално Вашингтон тврди дека нема причина за пристапување кон договорот. Наводно, билатералните договори се доволни“, вели Омри Меријен, меѓународен експерт за даночни прашања од Калифорнискиот универзитет.

Конгресот блокира транспарентност

„Сметам, меѓутоа, оти американската влада е под голем политички притисок кога станува збор за презентирање на финансиски работи“, додава Меријен, објаснуваќи дека републиканците во Конгресот предлагаа да се укине ФАЦТА. Дури ја тужеа и Владата која сакаше да предложи прописи за транспарентност со аргумент дека се работи за повреда на приватната сфера, во која, според нив, спаѓаат и финансиите. Бидејќи речиси сите даночни оази воведоа меѓународен стандард за транспарентност ,САД избија на самиот врв на листата на земји кои помагаат за криење на имотната состојба и пари. „Сега токму така изгледаат работите“, вели Котерчеану. „На почетокот изгледаше дека и други земји ќе се спротивстават на мерките со кои се воведува транспарентност на финансиското работење. Меѓутоа, по согласувањето на Швајцарија, Сингапур и офшор-островите, одеднаш САД останаа една голема сила која се спротивставува на системот на транспарентност. Така САД стануваат нова дестинација за преместување на имот, легално или илегално.“