1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руското црноморско летувалиште Сочи ќе биде домаќин на зимските олимписки игри во 2014-та година

5 јули 2007

Решението на Меѓународниот олимписки комитет е донекаде изненадување, оти за фаворит беше сметан јужнокорејскиот Пјеонгчанг. Салцбург отпадна уште во првиот круг на гласање

https://p.dw.com/p/BCjl
Огномет во Сочи по добивањето на организацијата на зимската олимпијадаФотографија: AP

Рускиот претседател Владимир Путин лично отиде во Гватемала на 119-тото заседание на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и во настапот пред неговите членови страсно агитираше во полза на кандидатурата на Сочи. Решението не го дочека, но во авионот на пат кон Русија беше известен за тоа од претседателот на Комитетот Жак Рог.

Според предвидувањата, во првиот круг на гласање оттпадна австрискиот претставник Салцбург. Со неуспехот на Салцбург се проценува дека растат шансите за кандидатура на Минхен за домаќин на зимската олимпијада во 2018-та година. Германскиот град би бил прв воопшто кој би бил организатор и на зимска, како и на летна олимпијада, чиј домаќин беше во 1972-ра година.

Во вториот круг од гласањето Сочи го победи Пјеонгчанг со 51 спрема 47 гласови. Јужнокорејскиот кандидат и пред 4 години тесно ја загуби битката со канадскиот град Ванкувер за организација на зимската олимпијада 2010. Жак Рог оцени дека Сочи понуди “силен и визионерски проект” и искажа уверување дека градот ќе спроведе извонредна олимпијада.

“Ова е клучен момент в руската историја” – изјави претседателот на комитетот за кандидатура на Сочи Дмитриј Чернишенко и вети “фантастични игри, кои на Русија ќе и’ помогнат натамошно да ја развие младата демократија”. “Ова е меѓународно признание за новата Русија” – изјави во Гватемала Сити потпретседателот на руската влада Аександар Шуков.

Во градот Сочи околу 5 илјади луѓе издржаа до некаде околу 3 часот по полноќ за да го сочекаат решението на МОК, што потоа го проследија со големо славје. На екран во центарот на градот директно беше пренесувана седницата на МОК од Гватемала сити.

Игрите ќе се одржат од 7-ми до 23-ти февруари 2014-та година. Сите борилишта ќе бидат комплетно новоизградени. Градот и приватни инвеститори ќе вложат во изградба на инфраструктурата околу 12 милијарди евра, целиот проект се проценува дека ќе чини околу 20 милијарди. По летната олимпијада во Москва 1980-та, ова ќе бидат втори игри организирани во Русија.