1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руското секојдневие под ембарго

Карстен Камински/К. Краљевска7 август 2015

Како одговор на санкциите, Русија пред една година забрани увоз на храна од Западот. Резултат: повисоки цени и полош квалитет. Некои Московјани се лутат, а други ја поддржуваат владата...

https://p.dw.com/p/1GAzc
Фотографија: DW/K. Kaminski

Изборот на намирници во московските продавници е огромен: тука има и камембер и моцарела и јогурт. Но, тие производи не стигнуваат од Европската Унија, САД, Австралија, Норвешка или Канада, туку од Русија или од Кавказ. Производи од Западот можат да се најдат уште во неколку продавници и исклучително се скапи. На многу Руси им недостига, на пример, пармезан од Западот. Неодамна во една улица во Москва со спреј е испишан број на мобилен телефон со порака дека се продава оригинал сирење.

Луѓе како луѓе. Последните шест месеци цените на прехранбените продукти пораснале за 14 отсто. Потрошувачите во Русија сакаат повеќе избор и подобар квалитет, вели 35-годишна Ксења од Москва: „Во супермаркетите има само руско сирење и тоа со лош квалитет.“ Вели дека сега повеќе се плаќа за производите, но не’ станале подобри. Храната е поскапа, истакнува Ксења и додава: „Бидејќи сум во финансиски проблеми, морам да одам на пазар.“

Повисоки цени, послаб квалитет

„Одење на пазар“ за многу граѓани на Москва значи вистинско патување, бидејќи пазарот се наоѓа надвор од градот. Возењето до таму, може да трае и повеќе од еден час. Но, Ксења таму плаќа два до три пати помалку, отколку во супермаркет. Наводно, таму овошјето и зеленчукот се поевтини. Ксенија е вегетаријанка и на пазарот со задоволство купува и сирење. Таму се продава и сирење од Кавказ, така што постои избор од различни видови.

Russland ein Jahr russische Sanktionen gegen EU
Пазар во близина на МоскваФотографија: DW/K. Kaminski

Русите ги воочуваат разликите во квалитетот бидејќи, на пример, наместо путер за млечните производи се користи палмино масло, а во паштетите од зеленчук сега се додава брашно или скроб. Ксенија ја загрижува намалување на квалитетот и зголемување на цените. Бидејќи е вегетаријанка, таа стравува од зимата: „Сега, во текот на летото, сѐ уште постои голем избор на овошје и зеленчук.“ Голем дел од тоа се произведува во Русија или во државите, кои произлегле од поранешниот Советски сојуз.

Акција против западните производи

Но, не се сите Московјани толку критички настроени, како Ксења, кога е во прашање ембаргото. Така на пример, организацијата „Прасе“, која е дел од патриотското младинско движење „Наши“, организира акции против западните прехранбени намирници со наслов: „Јади храна од Русија“. Во рамките на тие акции, млади девојки со лакирани нокти во боите на руското знаме, одат по московските продавници и лепат предупредувачки етикети на производите од Западот.

Таа акција ја поддржува руската влада со 100.000 евра. „Зошто би требало да јадеме нешто од странство кога имаме домашни производи? Нашата земја е огромна, ние можеме сами да се прехрануваме.“ Младите девојки, која ја спроведуваат акцијата сметаат дека информирањето на Московјани е нивна должност. Тие сакат да покажат дека со купување на западните производи дополнително се наштетува на домашната економија.

Russland ein Jahr russische Sanktionen gegen EU
„Јадете руски производи“, млади активистки ги маркираат западните производи.Фотографија: DW/K. Kaminski

И платите се намалени

Александар Ткачев, руски министер за земјоделство, постојано истакнува дека блокадата на увозот има позитивно влијание врз домашното земјоделско производство. Но, трговските здруженија и експерти имаат различно мислење. Тие воочуваат дека потрошувачите во Русија трошат помалку пари за јадење, бидејќи стоката е едноставно премногу скапа.

Освен тоа, просечната плата е намалена за 8,5 отсто. Ксења говори за ситуацијата во нејзината татковина - Сибир. Таму продавниците се испразнети, последиците од ембаргото се очигледни, пред се надвор од големите ргадови: „Не знам како таму финансиски се излегува на крај. Прехранбените продукти во мојот роден град и порано беа скапи, а сега се поскапи.“

Западните производи ќе бидат запалени

Сега, после една година, ембаргото е дополнително зајакнето. Рускиот премиер, Дмитриј Медведев, нареди производите од Запад да се запленуваат на граница и да се палат. Затоа на границите треба да се постават посебни печки. Палењето треба да се снима и со камери. Со тоа, меѓудругото, се сака да се запре илегалниот увоз на западните производи.