1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ја забрани работата на повеќе меѓународни организации

ЕМФ | агенции
9 април 2022

Повеќе фондации и меѓународни организации добија забрана за работа во Русија, меѓу нив и Амнести Интернешнал и Хјуман Рајтс Воч.

https://p.dw.com/p/49hZB
Symbolbild Moskau
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kochetov

Министерството за правда во Русија им ја одзеде регистрацијата на повеќе германски фондации и меѓународни организации за човекови права. Меѓу другото, погодени се германските фондации „Хајнрих Бел“, „Конрад Аденауер“, „Фридрих Еберт“ и „Фридрих Науман“. Поради наводни „прекршувања на важечките закони во Руската Федерација“ од ваквата одлука се погодени и оранизациите за човекови права Амнести Интернешнал и Хјуман Рајтс Воч, како и девет други невладини организации.

Тешки обвинувања на сметка на Путин

Првиот човек на фондацијата „Фридрих Науман“, Карл-Хајнц Паке, објаснува: „Оној кој во Русија се залага за граѓански и човекови права, добива казна, закани и е шиканиран.“

„Агресиите“ на претседателот Владимир Путин „против слободарските и демократските вредности ги надминуваат границите на Украина“. Новиот бран на протерување организации на цивилното општество е „натамошен чекор од авторитарност кон тоталитаризам“, вели Паке.

Фондацијата „Хајнрих Бел“ соопшти дека повеќе од 30 години работела за „визијата на една слободна, демократска Русија“. „За жал, руското раководство во мандатот на Путин многу години ја води земјата во обратна насока“.

Борците за човекови права гледаат потврда за својата работа

Амнести Интернешнал за затворањето на канцеларијата во Москва информира: „Кога Кремљ се обидува да те замолчи, тогаш правиш нешто исправно“, напиша генералната секретарка на Амнести, Агнес Каламар.

Хјуман Рајтс Воч најави дека и натаму ќе ги истражува прекршувањата на човековите права во Русија.

Ново руско знаме - симбол на отпорот против Путин

На репресии во Русија одамна се жалат и руски борци за човекови права, активисти и новинари. Голем број граѓански организации во Русија беа означени како „странски агенти“. Освен тоа, руските власти во март донесоа повеќе закони, кои предвидуваат високи затворски казни за, според Кремљ, ширење „погрешни информации“ за конфликтот. Невладината организација Меморијал Интернешнал во Русија доби судска забрана уште во декември минатата година. На крајот на февруари забраната беше потврдена. Најстарата и најважна организација за човекови права во Русија беше обвинета за прекршување на законот за „странски агенти“.