Русија со воени бродови ќе му даде поддршка на НАТО во антитерористичката борба во Медитеранот
14 октомври 2004Американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд, по споровите околу идната командна структура на воените операции во Авганистан, ја напушти средбата уште пред да пристигне рускиот министер Сергеј Иванов. А токму по разговорите со него, од агол на НАТО, можеше да биде соопштено и нешто позитивно: “Среќни сме што Русија искажа подготвеност да учествува во борбата против тероризмот во Средоземното море. Тоа е голем напредок. Сите сме согласни дека сузбивањето на меѓународниот тероризам мора да стои на чело на агендата како во НАТО, така и во Русија” – соопшти германскиот министер за одбрана Петер Штрук.
Од октомври 2001-ва година НАТО проконтролира илјадници цивилни трговски бродови во источниот дел на Средоземното море во рамките на антитерористичката операција. Од почетокот на минатата година се придружуваат и бродови низ Гибралтарскиот проток. Русија повеќе пати најави дека сака да учествува во акцијата. Тоа би била прва заедничка акција на руски со трупи на НАТО на отворено море. Рускиот министер Иванов не наведе никакви подробности за тоа кога и колку руски бродови ќе им се придружат на фрегатите на НАТО.
Русија и НАТО имаат намера логистички и технички да соработуваат при зголемувањето на способностите на своите армии. Во тој контекст, по две недели школата на НАТО од Оберамергау во Германија за прв пат ќе организира настава на московската командна академија.
Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер се радува поради добрите контакти со поранешниот противник од времето на студената војна: “Ги користиме сите патишта за да ја прошириме соработката. Разбирливо само по себе е дека борбата против тероризмот е најгоре на дневниот ред, по страшните настани во Беслан”.
Според Шефер, не станало збор за честопати критикуваната руска политика спрема Чеченија, како ни за најавите на Русија дека ќе врши превентивни удари против терористите насекаде во светот.