1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Кремљ го смета ВМРО за проруска партија?

Борис Георгиевски2 јуни 2015

Русија нема долгорочна стратегија на Балканот, а причините за мешањето во македонската криза треба да се бараат во краткорочните интереси, вели во разговор за ДВ, професор Евгениј Колосков од Универзитетот Ст. Петербург.

https://p.dw.com/p/1FZwn
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

ДВ: По речиси 14-годишен молк (од конфликтот во 2001), руската политика и медиуми одеднаш покажаа зголемен интерес за состојбите во Република Македонија. Како го објаснувате тоа ненадејно внимание што и се посветува на земјата?

Колошков: Сметам дека руските власти се заинтересираа за земјата затоа што се надеваат дека ќе можат да го искористат она што се случува во Македонија за сопствени цели. Првата задача е да се покаже дека не се само Украина и Грција проблеми за ЕУ и САД, и втората е да им покажат на Русите дека „ЦИА“ или (САД, ЕУ и Западот генерално) поддржуваат бунтовници насекаде и се подготвени да уништат сѐ за да им наштетат на руските интереси. Според руските масовни медиуми- оваа криза е обид да се уништи проектот за новиот руски гасовод Турски тек.

ДВ: Според некои македонски аналитичари, за разлика од блиските односи со Србија и Грција, Русија историски никогаш немала особен интерес во Македонија. Дали сме сега сведоци на промена на стратегијата, или на краткорочен интерес?

Тоа не е целосно точно. Секако дека новата македонска држава никогаш не била од големо значење за руската надворешна политика, ниту пак била важен аспект од балканската политика на Русија. Најпрво овие односи мора да се разгледуваат од аспект на руско-американските односи. Не треба да се заборави дека постојат традиции во руската надворешна политика, наследени од поранешниот СССР. Според овие традиции, одлуките во врска со Источна Европа, вклучително и Балканот, беа донесувани преку преговори со Вашингтон, но не и со самите земји. Исто така, руско-српските и руско-бугарските односи беа приоритет на Балканот. Притоа Македонија никогаш не се доближи до Русија бидејќи македонските лидери, без разлика дали од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, отсекогаш сакале да се приклучат кон НАТО. Верувам дека знаете како се однесуваат руските лидери кон такви земји.

Но, исто така Русија беше шестата земја која ја призна Македонија и тоа под уставното име. Исто така, Русија силно ги поддржа македонските власти во 2001 година. Лавров ја посети земјата за време на неговата балканска турнеја во 2011 година. Понекогаш, Македонија станува дел од руските интереси на Балканот, но само понекогаш.

Russland Evgenii Koloskov Uni St. Petersburg
Евгениј КолошковФотографија: privat

ДВ: Каква е реакцијата на руската јавност на случувањата во Македонија, особено имајќи ги предвид официјалните толкувања од Москва дека се работи за „обоена револуција“ по „украинско сценарио“ и слично?

Верувам дека генерално се согласуваат со министерството за надворешни работи, и состојбата во Македонија за нив е тесно поврзана со косовското сценарио. Знаете како оди тоа, Албанците муслимани поддржани од САД и од Западот се „лошите момци“, а православните Македонци (Словените) се „нашите момци“. Притоа, секако најголемиот дел од руската јавност нема поим каде е и што е Македонија. Но магичниот збор „обоена револуција“ или „украинска криза“ може да ги заплаши руските граѓани и да ги загрижи за судбината на нивните словенски браќа.

ДВ: Која е причината за отворената поддршка на Москва за конзервативната влада на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и покрај бројните скандали во кои е вмешана?

Малку е необично, но функционери во руското министерство за надворешни работи веруваат дека ВМРО е проруска партија. Тоа е чудно, затоа што руските претставници имаат тенденција повеќе да соработуваат со левичарски партии. Не сум сигурен што се точно причините за овие симпатии. Можеби е некоја импресија на Путин од конфликтот во 2001 година, можно е дури и да се во прашање некои постари ставови на ВМРО, како на пример поддршката на Љубчо Георгиевски на руската операција во Чеченија во 1994 година.

ДВ: Шефот на дипломатијата Сергеј Лавров смета дека во позадината на случувањата во Македонија стојат одбивањето на владата да ги поддржи санкциите против Русија и поддршката за изградбата на гасоводот Турски тек. Го делите ли ова мислење?

Сметам дека главните причини за кризата се социо-економските проблеми на Република Македонија. Најпрво, станува збор за проблемот на невработеноста и на традиционалното за регионот- високо ниво на корупција. Тоа е дополнето со разочараноста во автократските политики на власта, чии неуспеси опозицијата ги користи во политичката борба. Исто така сметам дека се случува персонализација на сите проблеми и неуспеси на Македонија со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој е на власт веќе 9 години.
Кризата во Македонија започна пред македонското одбивање да им се приклучи на санкциите кон Русија и плановите за изградба на Турски тек.

ДВ: Се јавуваат стравувања во Македонија дека внатрешната политичката криза би можела да биде искористена од таканаречените „Големи сили“ (САД, Русија, ЕУ) за нова геополитичка пресметка. Можно ли е такво сценарио?

äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg
Никола Груевски и Владимир ПутинФотографија: MIA

Сметам дека ваквите стравувања се без основа. Македонците гледаат кон Запад. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и други политички сили во Македонија немаат планови за интеграција или соработка со Русија кои би ја загрозиле европската интеграција на земјата. И верувам дека Москва тоа го знае. Грција и е од клучна важност на Москва за Турски тек и не верувам дека ќе се обиде да победи и во Скопје.

ДВ: Очекувате ли зголемен руски ангажман на Балканот во иднина?

Доколку ги следите руските медиуми ќе забележите дека Русија речиси и да нема пријатели во Источна Европа. Има само два исклучока. Тоа се нашите српски браќа, и можеби уште и Грците кои се разочарани од ЕУ. Но клучната цел на руската надворешна политика се односите со азиските држави, особено со Кина.
Верувам дека руските претставници ќе демонстрираат некакви активности на Балканот, поради македонската и грчката криза, но тоа не делува како долгорочна стратегија.

ДВ: Деновиве се изначитавме текстови во руските медиуми за Македонија и за Балканот. Весникот Правда објави и мислење според кое иднината на Грција, Македонија и Србија е во таканаречена „православна алијанса“ со Русија. Имаат ли воопшто ваквите теории некаква поддршка од официјална Москва?

Искрено, не знам какви терории разгледуваат функционерите во Кремљ. Знам дека некои луѓе во Русија кои се блиски до Кремљ сонуваат за некаква Пан-словенска или Пан-православна алијанса. Не сум сигурен, но верувам дека немаат многу силно влијание во Москва. Како и да е, денес никој тие луѓе не ги смета за будали, како што беше во ерата на Јелцин.

Евгениј Колосков е професор по меѓународни односи и право на Универзитетот во Санкт Петербург. Докторирал на тема „Надворешно-политичките проблеми при основањето на македонската држава“, а автор е и на монографија со истиот наслов. Специјалност му се модерната историја на пост-југословенските држави, миграциите на Балканот, историјата на југословенските војни и идентитетските проблеми.