1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија не се плаши од проширувањето на НАТО кон Исток

3 април 2004

- изјави рускиот претседател Владимир Путин по синоќешната средба со германскиот канцелар Герхард Шредер во Москва -

https://p.dw.com/p/AdFx
Знамињата на НАТО во Брисел
Знамињата на НАТО во БриселФотографија: AP

На повеќе приватната средба во дачата на рускиот претседател покрај последиците од проширувањето на Северно атлантската Алијанса, двајцата државници го разгледаа и проблемите што ги носи претстојното проширување на ЕУ со 10 нови чланки, состојбата во Ирак и Авганистан, а разговараа и за борбата против меѓународниот тероризам.

Владимир Путин не го исклучи пристапувањето на неговата земја кон ЕУ во далечна иднина. “Ние сме за обединета Европа и во тој смисол нема да протестирам ако некогаш во иднина Брисел стане наш заеднички главен град“, нагласи Путин, но додаде дека на среден рок Русија нема такви планови. Гостинот од Берлин по средбата изјави дека Путин покажал голем интерес за развивање стратешко партнерство со ЕУ, за што би морале да бидат симнати бројните бирократски пречки, кои ја попречуваа досегашната соработка. Русија долго време се противеше на опцијата да го прошири автоматски Договорот за соработка и партнерство со ЕУ на сите нови членки, бидејќи се плашеше дека на тој начин ќе ги загуби поранешните позиции на пазарите во тие земји од Средна и Источна Европа, кои порано му припаѓаа на Источниот блок. Германија и Русија затоа веќе подготвуваат за јуни компромисен предлог, кој ќе води сметка за руските задршки околу економските последици од проширувањето на ЕУ кон Исток. А во истата насока, германскиот канцелар Герхард Шредер најави и германско-француски “нон-пејпер“ предлози, што треба да бидат готови уште пред самитот ЕУ – Русија закажан за мај.

“Кога ЕУ ќе биде проширена, тогаш можеме да најдеме решнија и јас сум сигурен дека ќе ги најдеме. Заедничкиот документ на Франција и Германија покажува волја за изнаоѓање такви решенија и за надминување на биркратските пречки во таа насока“ - нагласи Шредер по средбата.

Дека обете страни сериозно трагаат по компромисни решенија сведочи и фактот што на средбата во дачата на претесдателот присуствуваше и новиот руски премиер Михаил Фрадков, кој до сега беше претставник на официјална Москва во седиштето на ЕУ во Брисел.

Што се однесува пак до проширувањето на Северно атлантската Алијанса кон Исток, Владимир Путин нагласи дека Русија не се чувствува загрозена, но:

“Приближувањето на воената структура на НАТО кон руските граници го набљудуваат и го проверуваат нашите експерти и сходно на тоа ќе ја градиме нашата одбрамбена политика.“

Рускиот претседател исто така изрази уверување дека сите разлики во ставовите можат да бидат надминати во Советот НАТО – Русија, што беше основан во 2002 година. И Шредер посочи дека руските безбедносни интереси мораат да бидат почувствително третирани во Советот. Руската Дума во средата изрази загриженост поради проширувањето на НАТО, препорачувајќи и на владата да ја измени одбрамбената стратегија и распоредот на воените сили, доколку НАТО и понатаму не ги почитува руските интереси.