1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: На Македонија ѝ е неопходен минимален консензус

Е.М. Фиданоска
16 август 2017

Државниот министер за Европа, Михаел Рот, по средбата во Берлин со македонскиот вицепремиер Бујар Османи порача да се продолжи со реформи, а опозицијата да ја оправда одговорноста што ја носи за напредок на земјата.

https://p.dw.com/p/2iLT4
Deutschland Mazedonische Vizeministerpräsident Bujar Osmani in Berlin
Фотографија: PR-Abteilung der mazedonischen Regierung

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Мухаел Рот, денеска во Берлин оцени дека се радува поради првите конкретни чекори во процесот на приближување на Македонија кон ЕУ, потенцирајќи дека „темпото на реформи е импресивно“.

„Особено ме радува што со Договорот за добрососедство со Бугарија е направен многу важен чекор кон помирување со соседите, кон регионално помирување. Ја охрабруваме Владата да продолжи консеквентно со ваквата политика. Ние во Германија, во тесна соработка со нашите партнери во ЕУ, сме подготвени да ѝ дадеме силна поддршка на таквата политика. Ја охрабруваме Владата да продолжи со реформската политика и во внатрешните односи.“

Според Рот, на Македонија ѝ се неопходни демократски структури и стабилна правна држава, како и борба против корупцијата: „Но, пред сѐ, неопходен е минимален консензус во ПЈР Македонија. Затоа, мојот апел е насочен не само кон Владата, туку и кон опозицијата да ја оправда својата одговорност. Во политичкото секојдневие може секогаш да се полемизира околу начинот, тоа е клучен елемент на демократијата, но би требало да постои подготвеност за меѓусебна соработка за Македонија да се приклучи кон ЕУ и НАТО најбрзо што е можно.“

Потенцирајќи дека Германија е пријател на Македонија и на Западниот Балкан, Рот по разговорите со македонскиот вицепремиер Бујар Османи во Берлин, додаде дека македонските граѓани „треба да чувствуваат дека ЕУ прави сѐ што е во нејзина моќ за да придонесе за социјална и економска стабилност“:

„Она што на луѓето им е потребно е работа, полет, економски успеси, инвестиции, луѓето да забележат дека преговорите за приклучување, кои се надевам наскоро ќе почнат, не се поврзани само со оптоварувања и ограничувања, туку дека на крајот сите добиваат. Ние во ЕУ добиваме ако ПЈР Македонија е стабилна, демократска држава во која владее правото и која на граѓаните им нуди благосостојба, а македонските граѓани профитираат се разбира исто така од ЕУ-перспективата. Ние во Европа сме тим и стабилноста и мирот и помирувањето на Западен Балкан за нас се од извонредно значење“, рече државниот министер за Европа, Михаел Рот.