1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Да се испитаат потеклото, како и содржината на снимките

Бенјамин Парган/ Зоран Јордановски 9 април 2015

Загрижувачка ситуација во Македонија. И пред актуелниот спор имаше знаци за опаѓање на реформската ревност. Западен Балкан во ЕУ е од обостран интерес, вели за ДВ Михаел Рот, државен министер за Европа во германското МНР

https://p.dw.com/p/1F4EW
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Каква е Вашата процена за актуелната политичка ситуација во Македонија?

М. Рот: Таа е многу загрижувачка. Поранешната југословенска Република Македонија веќе со години има кандидатски статус. Би сакал конечно да има напредок во спорот околу името. Но, сега тоа не е најголемиот проблем. Девизата е: колку е порешителна готовноста за исполнување на централните содржини од Европската заедница на вредности - во што спаѓаат и независноста на медиумите и на правосудството, како и владеењето на правото - толку побргу води патот во насока кон ЕУ.

Но токму најновата политичка криза во земјата покажува како Македонија да свртува од тој пат. Што мора да биде сторено, за таа повторно да се движи во насока на приближување кон ЕУ?

Итно неопходно е најбргу што може да се реши конфликтот и да се испитаат потеклото, како и содржината на снимките на телефонските разговори. Комесарот за проширување на ЕУ Хан предложи посредување меѓу владината и опозиционата партија од страна на европратеници и европски институции. Ние ја поддржуваме таа иницијатива. Но, и пред актуелниот спор имаше знаци за опаѓање на реформската ревност. Тука е важно сите одговорни во политиката да останат упорни и да го дадат својот придонес за приближување кон ЕУ.

Внатрешно-политичките тешкотии се во моментов главен проблем на земјата. Но, како пречка на патот кон ЕУ останува и нерешениот спор со Грција околу името. Како би можел да изгледа зародишот на некое решение?

Нерасчистениот спор околу името ја спречува евроатлантската интеграција. Поради тоа ние ги повикуваме обете страни, во рамки на посредништвото од ОН и со нужната готовност за компромис, конечно да се заложат за решение.

За време на првиот комесар за проширување на ЕУ Гинтер Ферхојген во 2004 година беа примени десет земји, а неговите двајца наследници на функцијата можеа да поздрават вкупно три нови членки. Актуелниот еврокомесар Јоханес Хан уште на самиот почеток рече дека во наредните пет години нема да бидат примени нови членки. Може ли тогаш уште да се зборува за јасни перспективи за прием за земјите од Балканот?

Јасната перспектива за пристап - значи нашата понуда за членство во ЕУ, постои. Но, не е се’ само во рацете на ЕУ. Во голема мера зависи и од одговорните во политиката и економијата, како и од граѓанските општества на земјите-кандидатки - дали се подготвени и се во состојба да ги исполнат критериумите кои се предуслов за прием.

Но, ако во Брисел сосем јасно се вели дека ниедна земја нема да биде примена во наредните пет години, во некои балкански земји се шири страв од „вечна кандидатура“. Можете да го разберете тој страв?

Сакам да ги охрабрам државите од Западен Балкан кои сакаат да припаѓаат кон ЕУ. Нема сомнение, патот кој стои пред нив секако е напорен, но се исплати. Ние не сме економска заедница, туку првенствено заедница на вредности. Врз основа на тешките искуства од преговорите за пристап во претходните децении, ние во процесот на приближување кон ЕУ многу силно се фокусираме на прашањата за владеењето на правото, демократијата, соработката во областа на правосудството, независноста на медиумите, но и на решавањето на отворените билатерални прашања. Тоа е сосем правилно. Со тоа на тешките прашања им се приоѓа уште на самиот почеток. Тука повремено може да настануваат фрустрации, оти на многумина им се чини дека не се напредува суштински, и за тоа имам разбирање.

Но, во изминатите месеци геополитички нешто се промени во Европа. Многумина експерти во ЕУ сега Западен Балкан го гледаат во еден триаголник меѓу Брисел, Москва и Анкара. Дали е ова навистина нова ситуација, која би можела да внесе и нова динамика во процесите на приближување на тие земји кон ЕУ?

Сите држави од Западен Балкан стратегиски се определија за иднина во ЕУ. Проширувањето на ЕУ не е од интерес само за државите од Западен Балкан, туку и од наш сопствен. Но, со оглед на одредена замореност од проширувањето, која владее кај нашето население, наша должност е постојано наново да укажуваме на тој наш интерес Балкан наскоро да припаѓа кон ЕУ - кога ќе одговараат предусловите. Геополитичката ситуација, надворешното и безбедносното опкружување, стана понесигурна. Стабилна, мирољубива, демократска Европа е од наш интерес. Токму таквите очекувања се поврзани со перспективата за пристап за Западен Балкан: кога тие ќе припаѓаат кон ЕУ, тогаш и ние ќе профитираме од тоа, оти ќе станува збор за сигурни, стабилни, демократски земји.

Михаел Рот, пратеник во Бундестагот од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), од декември 2013 година е државен министер за Европа во Министерството за надворешни работи на Германија.